Катарски компании ќе инвестираат во Македонија
Првата катарска инвестиција би била реализирана во доменот на бензинските пумпи. Претставници на компанијата „Катар Фјуал“ беа во Македонија и пред неколку години и ги разгледуваа сите потенцијали. Тие се најдалеку стигнати во процесот на анализирање на пазарот, потенцијалот кој го нуди Македонија. Тие разгледуваат не само можност да има бензински пумпи во државата, туку да има и депо за горива со тоа што регионално би го опслужувале пазарот на Балканот.
Ова го изјави директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски зони Виктор Мизо по средбата на премиерот Никола Груевски и економскиот владин тим со 13-те претставници на катарски државни компании, што се одржа попладнево во Владата. Мизо посочи дека тоа би било гринфилд инвестиција бидејќи тие директно ги разгледуваат можностите со државата со државните локации.
На средбата се разгледани можностите за можностите за преработка, производство на храна на различни видови овошје и зеленчук, истовремено и на овчо месо кое би можело потоа да се продава во Катар и во другите земји на Блискиот Исток.
Катарските претставници ги разгледуваат можностите за инвестирање во Македонија врз основа на она што им беше презентирано од премиерот Груевски и економскиот владин тим при неодамнешната посета на Катар.
Мизо истакна дека на средбата била разгледувана и можноста за докапитализација на ЕЛЕМ. „Катар холдинг“ и „Катар петролеум“, како потенцијални компании заедно со „Катар Вотер енд Електрисити“, рече Мизо, ги разгледуваат сите можности од гледна точка на финансиските резултати како и техничките можности на ЕЛЕМ на кој начин тие би влегле со потенцијална инвестиција докапитализација.
- Луѓето од „Катар Ервејс“ ја разгледуваат можноста за директен лет меѓу Доха и Скопје со потенцијал на трета дестинација во Европа, слично како што тоа го прават со земјите од регионот, тука се Атина, Белград, Загреб, Софија. Се разгледуваат можностите за вложување во недвижнини без оглед дали тоа ќе бидат некои од туристичките зони и можностите за изградба на комерцијални станбени објекти или хотели во близина на Скопје. Тука е касарната „Илинден“, можноста за инвестирање во Сончев град и слично, потенцира Мизо.
За време на денешните состаноци катарските претставници беа во неколку институции и министерства во Македонија.
- Ќе продолжат техничките состаноци попладнево, а од утре делегациите ќе одат на различни локации низ Македонија за да ги видат на лице место сите тие можни локации и потенцијали. Од гледна точка на ЕЛЕМ утре ќе ги посетат хидроцентралите во близина на Скопје, Козјак и Света Петка за да ги видат најновите енергетски хидроцентрали кои се изградени и се во сопственост на државната компанија за производство на струја, посочи Мизо.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека постојат различни начини на кои би се реализирала докапитализацијата на ЕЛЕМ.
- Она што државата го нуди е еден пакет до 49 отсто на сопственост што врз основа на евалуацијата на ЕЛЕМ тоа можело да значи околу 1,2 милијарди евра. Што значи дека нивниот влог потоа ќе се искористи како влог кој ќе се користи за изградба на други енергетски капацитети врз основа на заедничките анализи и потреби како на државата така и на инвеститорот, додаде Мизо.