Грковска - Тунјан: Поддршката на СИГМА за нас е многу значајна, усогласувањето на платите во државните институции на што заеднички работиме е врвен приоритет за Владата

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска имаше средба со претставници од СИГМА/ОЕЦД предводени од Баграт Тунјан, задолжен за соработката меѓу СИГМА и Северна Македонија. Вицепремиерката Грковска изрази благодарност за поддршката што СИГМА ја дава на нашата држава, особено во делот на дефинирање на Националната стратегија за реформи во јавната администрација, соработката со генералниот секретаријат на Владата во делот на стратешкото планирање, како и за реформите во менаџирањето на јавните финансии.

Делегацијата од СИГМА ја информираше вицепремиерката Грковска за стручната поддршка што ја даваат за процесот на усогласувањето на платите кај администрацијата и државните институции и дефинирање на критериумите по кои се исплаќаат платите. За таа цел веќе е формирана работна група која ја сочинуваат претставници на Министерството за финансии, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за информатичко општество и администрација, како и Генералниот секретаријат на Владата.

Вицепремиерката Грковска нагласи дека овој процес е многу важен и дека Владата е одлучна во заложбата да се дефинираат критериумите врз основа на кој ќе се утврдуваат платите во државните институции.

Во однос на останатите проекти вицепремиерката Грковска нагласи дека е многу важно сите процеси да бидат добро координирани, за да нема преклопување. Потенцираше дека во сите активности посебно внимание посветува на стандардизирање на процесите и имплементирање на системски решенија кои ќе бидат долгорочни и одржливи.

Околу процесот на дигитална трансформација на општеството, вицепремиерката Грковска информираше дека Владата на последната седница донесе одлука за формирање на Национален совет за дигитална трансформација на општеството, со што ќе се обезбеди системски и усогласен пристап во процесот на дигитализацијата, кој е важен за работата на институциите и подобрувањето на јавните услуги.

Клучно во процесот на дигиталната трансформација на општеството, нагласи вицепремиерката, е и воведување на електронска лична карта и нов закон за архивско работење, за кои веќе има конкретни активности координирани преку Кабинетот.

На состанокот вицепремиерката Грковска потенцираше дека соработката со организацијата СИГМА/ОЕЦД е клучна, затоа што нивната експертиза е важна при креирањето на идните политики.