Министерот за транспорт и врски, Благој Бочаврски, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, заменик министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи и градоначалникот на општина Боговиње, Бесник Емшиу, денеска извршија увид во реконструираниот водоводен систем во населеното место Камењане.
Инвестицијата е со вкупна вредност од преку 250 илјади евра, средства обезбедени преку Министерството за транспорт и врски. Проектот опфаќа изградба на водоводен систем во должина од 9 километри во Боговиње, со што ќе се задоволат потребите на околу 5 илјади жители во општината.
„Сакам да ги уверам граѓаните дека поддршката на локалните самоуправи нема да застане тука. Помагаме во секој сегмент од локалното живеење, го подобруваме квалитетот на живот на сите граѓани. Ја завршивме реконструкцијата на водоводната мрежа во населеното место Камењане, со која решаваме огромно прашање за локалното население. Сакам да најавам дека избравме фирма изведувач за реконструкција на цевководот за населеното место Палчиште и веќе од наредната недела очекувам да се започне со работа. Проектот е вреден речиси 300 илјади евра, средства обезбедени од Министерството за транспорт и врски.“ – изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
„Како граѓанин на општина Боговиње, село Камењане, особено ми е драго што денеска официјално завршуваме еден значаен проект за жителите од ова населено место. Во соработка со Министерството за транспорт и врски и со локалната самоуправа реализираме инфраструктурни проекти што се од животно значење за граѓаните. Еден од тие проекти е и изградбата на водоводна мрежа со која денеска обезбедуваме чиста вода за пиење за околу 5 илјади жители од село Камењане, чиешто секојдневие беше немање вода за пиење со години“ - изјави министерот Нуредини.
Тој додаде дека од Програмата за инвестирање во животната средина за 2022 година има обезбедено средства за проекти во повеќе општини, меѓу кои се изработка на проектно-техничка документација за фекална канализација во н.м. Пирок и изработка на проектно-техничка документација за изградба на фекална канализација за н.м. Долно Палчиште, а исто така од буџетот на Министерството за животна средна и просторно планирање се финансира и изградба на канализациона мрежа за н.м. Камењане и канализациона мрежа за н.м. Боговиње, проекти коишто се во тек на реализација, а нивната вкупна вредност е 266 милиони денари.
Заменик министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи, истакна дека ова е пример на добрата соработка меѓу централната и локалната власт со една цел, а тоа е подобрување на благосостојбата и животот на граѓаните. Ќе продолжиме со реализација на вакви проекти во сите општини во државата.
Со проектите што се реализираат во населените места во општина Боговиње значително се подигнува квалитетот на живот на граѓаните и се овозможува раст и развој на општината, истакна во својата изјава градоначалникот на општина Боговиње, Бесник Емшиу.