Грковска: Транспарентноста и отчетноста на институциите е основен и клучен предуслов за одговорно и ефикасно управување

Транспарентноста и отчетноста на институциите е основен и клучен предуслов за одговорно и ефикасно управување. За таа цел Владата на Република Северна Македонија во изминатиот период посвети големо внимание и постигна највисоко ниво на активна транспарентност која овозможува граѓаните, граѓанските организации како и претставниците на медиумите полесно, побрзо и поефикасно да добиваат информации за работењето на институциите, а со тоа и да вршат контрола во нивното работење. Но сега преземаме дополнителни чекори за зголемување на проактивната транспареност на институциите, порача заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на денешната конференција на тема „Подобрување на системот за слободен пристап до информации од јавен карактер“.

На конференцијата беше презентирана анализа на најчесто бараните информации од страна на граѓаните преку инструментот за слободен пристап до информации од јавен карактер, која покажа дека во изминатите две години најголем интерес имало за начинот на трошење на јавните пари, вработувањата, јавните набавки, концесии итн.

Врз основа на анализата, којашто ја изготви Центарот за управување со промени во соработка на Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, е изработено и Упатство за институциите од јавниот сектор за тоа како може да ја подобрат нивната транспарентност. Во овој процес ќе биде изготвен и список на информации кои понатаму ќе станат обврска да бидат објавувани на веб страниците на институциите.

„На овој начин информациите ќе бидат јавни, полесно достапни, односно доволна ќе биде само посета на официјалната веб страница на конкретната институција, наместо да се постапува по предвидената законска процедура која најчесто одзема многу време. Секој граѓанин има право да ги гледа информациите за тоа како функционира системот, како се располага со парите на граѓаните, со буџетот, и притоа да ги има сите можности да ги детектира слабостите, пропустите, и да алармира за сите недоследности“, нагласи Грковска на конференцијата.