Заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска имаше средба со претставничката на Канцеларијата на УСАИД во Република Северна Македонија Џери Дајбл со која разговараа за интензивирање и продлабочување на меѓусебната соработка.
Вицепремиерката Грковска изрази благодарност за поддршката што УСАИД ѝ ја дава на нашата земја во сите сфери, но особено во делот на дигитална трансформација на општеството, како и креирањето на антикорупциски политики, проблематики на кои особено е фокусиран Кабинетот на вицепремиерката Грковска.
Двете соговорнички разговараа за динамиката со која се имплементираат заедничките проекти, при што претставничката од УСАИД Дајбл, оцени дека се отворени за унапредување на механизмите за имплементација, со цел да се обезбеди побрза реализација на проектите чија основна цел е зајакнување на капацитетите на институциите во интерес на граѓаните.
Дајбл ги поздрави редовните координативни состаноци меѓу надлежните институции за сајбер безбедност и донаторите во оваа област, што месечно ги организира вицепремиерката Грковска, што придонесува за поефективно и покоординирано дејствување.
Двете соговорнички се договорија таква месечна координација да се организира и во делот на дигитализацијата, со што ќе се овозможи взаемен координиран пристап во процесот на дигитална трансформација на општеството.