Маричиќ: Реформите се одржливи, имаме препознаен напредок од ЕК и ни претстојат нови можности

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ на денешната заедничка прес-конференција со шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Гир, рече дека Северна Македонија доби позитивен годишен Извештај на Европската комисија за 2022, прв после отворањето на преговорите во јули оваа година и дека според него имаме одржливи реформи, имаме препознаен напредок и ни претстојат нови можности.

-Од аспект на вкупната подготвеност, Северна Македонија сè уште стои најдобро во регионот во Кластерот Фундаментални вредности, кој е најважен за динамиката на преговорите, но и во Кластерот Ресурси, земјоделство и кохезија. Во Кластер Конкурентност и инклузивен раст и Кластер Зелена агенда и одржлив развој сме веднаш зад Црна Гора и Србија кои веќе деценија преговараат, додека пак кај Кластерот Внатрешен пазар и Кластерот надворешни односи сме приближно на исто ниво со овие две земји, кажа Маричиќ.

Во Извештајот за 2022 стои дека Европската комисија го поздравува почетокот на преговарачкиот процес, што беше потврдено и од страна на Комесарот Вархеји за време на вчерашната прес-конференција на која изјави дека: „Одржувањето на Меѓувладината конференција на 19 јули 2022 година е нова пресвртница во односите меѓу Северна Македонија и ЕУ, бидејќи пристапните преговори започнаа“. 

Според вицепремиерот Маричиќ ова е признание за континуираната посветеност на Северна Македонија и постигнувањата во спроведувањето на реформите, особено во Кластерот Фундаментални вредности, каде се оценува дека напредокот во правосудството расте, и се бара да продолжи трендот на независно и самостојно работење. 

Во продолжение на прес-конференцијата Маричиќ се осврна на кластерите преку анализа на Извештајот, кој како што вели вицепремиерот секогаш дава објективен пресек на состојбите и напредокот во реформите и ги идентификува областите каде треба да ги зголемат напорите и да испорачаат повеќе резултати. 

Од аспект на остварениот напредок, задржано е темпото на напредок или има подобрување во 23 од вкупно 43 области / поглавја, додека во останатите 20 области има ограничен или помал напредок. Од аспект на подготвеноста во околу 90% од областите имаме делумна или добра подготвеност, потенцираше Маричиќ, додавајќи оти тоа е показател дека и покрај сите внатрешни, но и надворешни предизвици со кои се соочуваме сепак имаме стабилен континуитет во вкупната подготвеност на земјата, што треба да биде поттик повеќе за сите. 

Во Извештајот на Европската комисија стои дека Северна Македонија недвосмислено ја потврди стратешката определба кон Унијата, меѓу другото и со фактот што беше прва земја од регионот која се придружи кон сите осуди, санкции и рестриктивни мерки поврзани со руската агресија на Украина со постигнување на 100% усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, за што имаме и највисока оценка досега. Овој чекор на дело покажува дека Северна Македонија е партнер на Унијата и имајќи ги предвид тековните предизвици со кои се соочуваме сите, би ја искористил можноста да дадам апел дека очекуваме земјата и регионот да бидат вклучени во механизмите на ЕУ за снабдување со енергија и храна, рече вицепремиерот Маричиќ. 

На крајот вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ рече дека остануваат посветени на реформите и дека треба обединување околу оваа национална задача, за што е потребно заеднички да се работи за надминување на слабостите нотирани во Извештајот.