Во овие тешки времиња кога целиот свет се соочува со сериозни закани по светскиот мир, како и серозна економска и енергетска криза, на светот му треба разумот на жените, му треба нивната остроумност, мирољубивост, кои се главни постулати на жените во практикувањето на политиките, особено во надворешната политика, порача заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на панелот на темата „Придонесот на невладините организации во процесот на одлучување, што се одржа во рамките на втората меѓународна конференција“, „Жените во надворешната политика“.
На почетокот на своето обраќање таа оддаде почит на Илинка Митрева, првата дама во македонската дипломатија, која, како што рече, остави значаен белег во позиционирањето на Северна Македонија на светската политичка сцена и ја покажа силата на жените и нивната непоколебливост кога е во прашање одбраната на државните интереси и градењето на мирот.
„Навистина се радувам што сум дел од овој Панел чија задача во основа е да го истакне значењето на граѓанскиот сектор во градењето на политиките и секако на крајот носењето на одлуките. Граѓанскиот сектор има и треба да има големо значење во креирањето на сите политики, бидејќи тие со својата експертиза, знаење, па ако сакате и еден вид надзор даваат додадена вредност на дефинираните политики“, оцени вицепремиерката Грковска.
Ова, нагласи таа, е особено значајно кога зборуваме за придонесот што граѓанскиот сектор го дава во креирањето на сензитивни политики, како што се родовата еднаквост, дискриминацијата или пак правата на лицата со попреченост.
„Нивниот сензибилитет е движечка сила за целото општество. Родовата еднаквост е прашање за кое треба сите заедно, и мажите и жените отворено да зборуваме. Бидејќи, како и сите други прашања, успех можеме да постигнеме само ако изградиме свесност кај сите дека во сите општествени процеси треба подеднакво да бидеме вклучени сите. Јас ви гарантирам дека и во оваа тешка светска политичка, економска и енергетска криза до решенијата побрзо ќе се дојде ако во меѓународните процеси се вклучени повеќе жени“, оцени Грковска.
Таа во своето обраќање ја цитираше познатата изрека на поранешната премиерка на Велика Британија, „железната дама“ Маргарет Тачер, која вели: „Ако сакаш нешто да биде кажано, побарај од маж, но ако сакаш нешто да биде направено, побарај од жена“.
„Родовата еднаквост и зајакнувањето на жените е прашање на правда и човекови права. Како држава имаме обврска да ги искористиме капацитети, знаењето, идеите, вештините буквално на сите. Талентот и потенцијалите на секој граѓанин, се и наш талент и потенцијал. Нивното знаење е наша заедничка предност, нивното искуство е наша заедничка придобивка, нивната храброст е наш потенцијал. Ние треба да им дадеме шанса да го покажат своето знаење и способности, а придобивките од тоа ќе бидат на целото општество“, порача вицепремиерката Грковска.