Министерката за одбрана Славјанка Петровска ја започна дводневната официјална посета на Словенија на покана на министерот за одбрана Марјан Шарец. По пречекот со воени почести во словенечкото министерство за одбрана, министерката Петровска и нејзиниот словенечки колега Шарец одржаа средба на која беше потврдена заедничката заложба за посилна одбранбена соработка бидејќи двете држави споделуваат заеднички вредности и иста цел – стабилен, мирен и безбеден регион со сигурна европска иднина.
„Словенија е наш докажан пријател, сојузник и гласен поддржувач на евроинтеграцијата на Северна Македонија. Оваа година одбележуваме 30 години соработка помеѓу двете држави и 28 години одбранбена соработка која остави белег на развојот на одбраната и Армијата. Живееме во комплексни времиња со бројни безбедносни предизвици и затоа како блиски и пријателски земји, и како сојузници во НАТО, мораме да опстанеме на нашиот пат кон уште посилна, уште поинтензивна одбранбена соработка“ рече министерката за одбрана Славјанка Петровска по денешната средба со словенечкиот колега, Марјан Шарец во Љубљана.
На средбата министерката Петровска ја изрази својата благодарност за несебичната, конзистентна и гласна поддршка од страна на Словенија во поглед на пристапувањето во ЕУ, но и за експресната реакција и материјална и техничка помош од страна на Словенија при справувањето со пожарите минатата година.
„Балканот, особено Западниот Балкан мора да опстане на патот кон целосна демократизација и силна европеизација – пат кој е нераскинливо поврзан со пристапувањето кон Европската Унија. Овој пат мораме да го минеме ефикасно и квалитетно и словенечката поддршка во тој правец е секогаш присутна и исклучително важна, за што искрено ви се заблагодарувам“, подвлече министерката.
Во контекст на регионалната безбедност која е приоритет и за Северна Македонија и за Словенија, министерката порача дека регионот се соочува со свои предизвици, но ниту еден предизвик не е нерешлив доколку има политичка волја, храброст и насоченост кон иднина на соработка и просперитет.
„Традиционалните недоразбирања и историски предрасуди за жал сè уште не се целосно затворени и оставени во минатото. Решавањето на отворените билатерални прашања во регионот се клучни за подобрување на заедничката безбедност, но и европската стабилност. Примерот на Северна Македонија во овој поглед треба да биде искористен како позитивен патоказ", рече Петровска.
Министрите на средбата се заложија за уште посилна соработка во областа на одбраната, при што министерката Петровска повика на интензивирање на заедничките вежби и обуки на армискиот полигон „Криволак“, склучување на договор за одбранбена соработка со цел развој на одбранбени капацитети и планирање, справување со сајбер, хибридни и асиметрични закани.
Петровска и Шарец разговараа и за соработката во контекст на НАТО – мисиите, односно за заедничкото учество во т.н. Зајакнато истурено присуство во Латвија каде македонските мировници се дел од словенечкиот контингент. Тие се согласија дека улогата на НАТО е јасна и прецизна – тоа е одбранбена Алијанса чија основна цел е безбедност на секоја педа НАТО територија.
Денеска во Љубљана, министерката Петровска ќе се сретне и со претседателот Борут Пахор, а ќе се обрати и на церемонија за примопредавање на нов музејски експонат, германски противвоздушен топ од Втората светска војна, донација од Северна Македонија во Паркот за воена историја Пивка, а утре ќе присуствува на воена вежба која ќе се реализира во Воздухопловната база во Церкље об Крки.