Министерството за образование и наука континуирано вложува во инклузивно образование. Градењето подобар образовен систем значи обезбедување можности секое дете, согласно своите потенцијали, да стекне знаења и вештини што ќе му бидат потребни за да биде релевантен и активен учесник во општествениот живот. За оваа цел, одбрани се 118 основни училишта, од сите општини во Република Северна Македонија во кои ќе се изведат реконструктивни зафати за подобрување на пристапноста до и во објектите, како и за подобрување на хигиенско – санитарните услови.
Тим на Министерството заедно со стручни лица, врз основ на критериуми поврзани со пополнетоста и искористеноста на капацитететите, изврши увид во состојбата во која се наоѓаат и ги одбра училишните објекти во кои во следниот период ќе се изградат пристапни рампи, ќе се реновираат санитарните јазли и ќе се изведат посебни тоалети за децата со атипичен развој, а во некои училишта ќе се реновираат и внатрешната столарија и подовите.
Во оваа активност за создавање на училишта без бариери, Министерството за образование и наука има поддршка од Светска банка, во рамки на новата четиригодишна Стратегија на Банката за партнерство со земјата за периодот 2019-2023 година.
Реконструкцијата на училиштата е дел од Проектот за унапредување на основното образование, чија основна цел е да ги подобри условите за учење во основното образование во земјата. Вкупната вредност на проектот изнесува 21,5 милиони евра и истиот се имплементира преку Единица за управување со проектот во рамките на Министерството за образование и наука.