Ковачевски: 80 милиони евра поддршка од Европската Унија за Северна Македонија за справување со енергетската криза

Европската Унија на Северна Македонија ќе и даде финансиска поддршка за справување со енергетската криза. Првата транша е во износ од 80 милиони евра којшто ќе биде искористен за буџетска поддршка во државата до крајот на годината, соопшти претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски на денешната заедничка прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Ние разговаравме со претседателката на Европската комисија, разговаравме и на ниво на европски комесари за финансии, и на ниво на европски комесари за енергетика. Во сите тие разговори учествуваа и министрите за економија и за финансии. Првата транша на помош како што кажа и претседателката на комисијата е 80 милиони евра грант којшто ќе биде искористен за буџетска поддршка во државата, до крајот на годината. Значи во наредните два месеци ќе бидат направени сите формалности и веќе од јануари ќе можеме да ги повлечеме средствата за буџетска поддршка. Тоа значи дека тие финансиски средства во најтешките месеци, јануари, февруари, март, ќе можат да бидат искористени за справување со енергетската криза, односно за намени коишто Буџетот ќе ги предвиди со Буџетот за 2023 година којшто наскоро ќе биде одобрен на Влада и ќе влезе во Собранието“, посочи премиерот Ковачевски.

Притоа премиерот Ковачевски потенцираше дека тоа нема да биде единствената помош бидејќи потоа како што соопшти и претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен веќе се размислува и за нова помош, не само во грантови туку и во регионална помош за финансирање на капитални проекти за поврзување со гас и за обезбедување на нови извори на снабдување со електрична енергија. Тука како што изјави премиерот Ковачевски пред сè мисли на големи проекти коишто се планирани во регионот за изградба на гасни централи и на други енергетски постројки за стабилизирање на производството на електрична енергија во целиот регион на Западен Балкан.