Ковачевски: Со поедноставените процедури за фотоволтаични централи ги стимулираме инвестициите во обновливи извори на енергија

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска во Делчево ја посети една од најголемите компании во регионот од областа на дрвопреработувачката дејност, која постојано инвестира во нови технологии во производството, а последната инвестиција е во фотоволтаична централа за електрична енергија. 

Во продолжение Ви ја пренесуваме во целост изјавата на премиерот Ковачевски:

„Грижата за развојот на домашните компании и нашата определба за домашно производство на електрична енергија даваат резултати. Пример за тоа е компанијата Алпин ком каде што сум денес.

Мотивација е да се слушне дека една домашна компанија, основана во 2004-тата година, со дејност во дрвопреработувачката индустрија, прераснува, прво во една од најголемите фирми во регионот во оваа област во која во моментов работат 240 лица, со плата над просечната. Но уште поголема мотивација е да се чуе за нивната нова инвестиција, фотоволтаична централа, на површина од 35 декари, со моќност од 1,8 мегавати, за продажба на електрична енергија.

Компанијата успева да опстои на пазарот, дури и да се развива, во услови на пандемија, а потоа и на економската и енергетската криза предизвикани од светските случувања, со инвестициите во нови технологии на производство, за што во голем дел помогнале антикризните мерки од Владата.

Овие мерки кои Владата ги донесе во време на ковид кризата, а кои беа во вкупна вредност од 1.2 милијарди евра, се само еден од пакетите мерки кои ги обезбедивме за граѓаните во изминативе кризни години. Само во 2022 година пакетот мерки за поддршка на граѓаните и стопанството во време на криза достигнаа над 760 милиони евра, пакет кој според Светската банка е најголемиот пакет за поддршка во регионот кој е обезбеден за граѓаните за поддршка за справување со енергетската криза.

Покрај субвенционирањето на струјата со 80 проценти за домаќинствата и малите потрошувачи, зголемувањето на минималната и просечната плата и пензиите грижата за најранливите категории граѓани и пензионерите со државна помош меѓу 3.000 и 6.000 денари, од вчера обезбедуваме и поевтина струја за компаниите коишто произведуваат основни прехранбени производи за истите да бидат поевтини за граѓаните во оваа тешка зима.

Вчерашните мерки кои ги донесовме на владината седница, ќе овозможат стабилизирање и намалување на цените на основните прехранбени производи и ќе обезбедат непречено функционирање на виталните институции.

Донесовме одлуки со кои обезбедуваме поевтина струја од 80 евра по мегават/час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи. Со оваа одлука цените на основните прехранбени производи, лебот, брашното, млекото и млечните производи, маслото за јадење, месото и живината, пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија ќе се стабилизираат. Веќе беше јавно соопштено од производителите на основни производи дека со ваква одлука цените би требало да се намалат за најмалку 10%.

Основните и средните јавни училишта и тука во Делчево и низ земјата, ќе добијат поевтина електрична енергија по цена од 95 евра по мегават/час.

Можност за снабдување со електрична енергија од ЕСМ по цена од 95 евра мегават час, обезбедуваме и за јавните претпријатија од областа на водоснабдување и одведување на отпадни води.

За да се спречат злоупотреби и манипулации при обезбедување на универзална услуга на пазарот на електрична енергија, донесовме одлука со која на сите општини и на Градот Скопје им се забранува да основаат ЈП, ДОО или АД за вршење дејност од јавен интерес-јавно осветлување.

Ние ветивме дека ќе ги поддржиме малите и средни претпријатија, со директна државна финансиска помош и со низата мерки, тоа го правиме, на дело.

Ветивме и дека ќе стимулираме инвестиции во енергетиката, посебно во обновливите извори на енергетиката – и тоа исто така го правиме, на дело.

Ние промовираме добро платени работни места, создаваме услови за нови инвестиции, ги враќаме парите кај граѓаните и обезбедуваме ликвидност на компаниите кога е најмногу потребно, како што тоа е случајот со Алпин ком.

Денес, како земја членка на НАТО и држава којашто ги почна преговорите со Европската Унија, веќе сме сигурен пазар за инвеститорите, поради што периодов имавме убави вести и за нови странски инвестиции во областа на енергетиката и автомобилската индустрија.

Овие реални инвестиции отворат нови и реални работни места за граѓаните, со достоинствени плати, а секако се голем придонес и во нашите заложби за домашно производство на електрична енергија.

Граѓаните и компаниите може да се уверат дека струја и топлинска енергија, со рационалните трошења и одговорно управување, веќе обезбедуваме, 100% од домашните капацитети.

Затоа, од голема важност се инвестициите во фотоволтаични централи, како најавената во оваа компанија, за коишто ги поедноставиме процедурите за градба.

Оваа сериозна, проевропска Влада е силно фокусирана, во една од најтешките зими пред нас, граѓаните да имаат достапна храна, да имаат струја и компаниите да работат.

Сето ова е резултат на грижливи и интеграциски политики, свртени кон иднината и доказ за тоа е доверливото пријателство со државите членки на ЕУ, од каде веќе е најавен грант од 80 милиони евра, што Република Северна Македонија ќе го добие од ЕУ како поддршка на државниот буџет.

И овој начин на работа продолжува, бидејќи кога велиме дека никого нема да оставиме сам да се справува со кризата, тоа и го мислиме и го правиме".