Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска присуствуваше на заедничката седница на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, на која се расправаше за Извештајот на Европска Комисија за Северна Македонија за 2022 година.
Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Маричиќ, го изрази своето задоволство од одржувањето на седницата и кажа дека Владата цврсто стои на ставот дека процесот на преговори за полноправно членство со Европската Унија мора да биде инклузивен и транспарентен, со вклучување на сите општествени чинители во овој процес.
- Сметам дека ова е вистинското место, каде треба да го дискутираме Извештајот и од каде треба да доаѓаат пораките за како понатаму, особено сега, кога сме земја преговарач за полноправно членство во Европската Унија. Затоа како главен преговарач ќе иницирам воспоставување на рамка за соработка со Собранието и зајакнување на неговата улога во процесот, рече Маричиќ.
Тој додаде дека очекува целосна посветеност од страна пратениците и подадена рака за заеднички да ги надминуваат предизвиците кои следат на евроинтегративниот пат и подготвеност да го дадат максимумот за конечно реализирање на нашата тридецениска стратешка цел.
- Само обединети ќе можеме да ја исполниме оваа национална задача. Процесот на преговори е процес на целокупна општествена трансформација која допира до сите нас и до сите аспекти на општественото живеење. Затоа, верувам дека само со национален консензус и максимално вложување на Владата како носител на преговорите, но и администрацијата која е ’рбетниот столб на процесот, граѓанското општество, Собранието, бизнисите, академската заедница и сите други засегнати страни ќе ја исполниме заложбата да бидеме подготвени за полноправно членство во Унијата до 2030 година, порача вицепремиерот Маричиќ.
Евроамбасадорот Гир ги поздрави чекорите на Владата во решавањето на отворените прашања со соседите и во спроведување на континуирани и одржливи реформи кои нè ставија на вистинскиот пат за остварување на една од стратешките приоритети на нашата земја, со барање да останеме на овој пат и да се фокусираме на забелешките од Извештајот.
Вицепремиерот Маричиќ во своето обраќање се осврна на направената анализа на Извештајот од страна на Секретаријатот за европски прашања според која рече дека имаме позитивен Извештај, прв после отворањето на преговорите на 19 јули оваа година, кој според него е објективен и недвосмислено упатува на тоа дека имаме одржливи реформи, со нотиран јасен напредок и постигнувања во истите, но и ги идентификува областите каде треба уште повеќе да ги зголемиме напорите и да испорачаме повеќе резултати.
Од аспект на вкупната подготвеност, оценката за нашата земја за 2022 година е „добро ниво на подготвеност“. Кога станува збор пак за напредок, генералната оценка е дека во околу 90% од областите, имаме делумна или добра подготвеност. Извештајот оценува дека Северна Македонија го има задржано темпото на напредок и има подобрување во 23 од вкупно 43 области, односно поглавја, додека во останатите 20 области има ограничен или помал напредок, посочи Маричиќ, додавајќи дека ова покажува дека Северна Македонија има стабилен континуитет во вкупната подготвеност и напредок на земјата, и покрај сите внатрешни и надворешни предизвици со кои како држава или како дел од глобалниот свет се соочуваме, што претставува дополнителен мотив и поттик за нас.
Маричиќ напомена дека Европската Комисија констатира дека процесот на скрининг се одвива континуирано и непречено, а земјата покажува високо ниво на посветеност и повтори дека цел процес на преговори ќе се води транспарентно и очекува вклученост од сите во истиот.
- Бидете уверени дека сите наоди и препораки во Извештајот ќе ги дискутираме заеднички и ќе ни користат како основа за ажурирање на Националната програма за усвојување на првото на ЕУ заедно со правото на ЕУ кое е презентирано на објаснувачките состаноци. Овој документ до крајот на годинава ќе биде ревидиран и ќе биде основа за подготовка на преговарачките позиции на земјата, истакна Маричиќ пред народните избраници.
На седницата, на која присуствуваа и евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир, како и дипломатскиот кор, заменик претседателот на Владата и главен преговарач со Унијата упати благодарност до евроамбасадорот Гир и неговиот тим кои ни пружаат безрезервна поддршка, со уверување дека Северна Македонија ќе продолжи сите реформи да ги спроведува во партнерство со Делегацијата на Европската Унија, службите на Европската Комисија и со земјите членки.