Попоски во Брисел: Македонија е добра инвестиција за ЕУ
Генералната политика за проширување на ЕУ, со акцент на земјите од Балканот, интеграцијата на Македонија во големото европско семејство и клучните аргументи за отворање на пристапните преговори и преговорите на високо ниво со Европската комисија, како и проблемот за името со Грција.
Како што пренесува дописникот на МИА од Брисел, тоа беа теми на кои се осврна министерот за надворешни работи Никола Попоски во денешното обраќање насловено "Проширувањето на ЕУ од гледна точка на Македонија" во европскиот Прес клуб во Брисел, на кое присуствуваа гости од Европската комисија, Европскиот парламент и претставници на дипломатсктиот корпус на амбасадите и претставништвата при ЕУ и НАТО.
- Политиката на проширување се смета за една од најуспешните политики на Европската Унија. Тоа донесе трансформација и ширење на зоната на стабилност, демократија, владеење на правото и почитувањето на човековите права низ европскиот континент. Проширувањето на ЕУ создаде големи економски придобивки за сите на континентот, истакна Попоски на почетокот на својот говор.
Според македонскиот министер, денеска ЕУ е катализатор на реформи во Македонија и го поттикнува зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот.
- Ова е причината зошто во регионот почна да се зборува во еден глас. Започнаа да се развиваат иницијативи за соработка и заеднички регионални проекти, просперитетот, развојот и напредокот станаа белег и артикулација на приоритети на регионот. Во исто време, некои балкански земји станаа членки на ЕУ. Тоа создаде позитивен притисок врз другите да се придружат. Нивниот успех не се смета за неуспех за другите, туку тоа е заеднички успех и сите имаат корист за целиот регион, рече Попоски.
Претстојниот прием на Хрватска во ЕУ, додаде, е очигледно резултат на таквиот пристап. - Напредокот на процесот на интеграција на Црна Гора и Србија се исто така многу јасна порака до иднината на регионот. За жал, Македонија останува единствен случај во овој поглед, што и покрај тоа што ги исполнува сите услови, се уште нема започнато преговори за членство во ЕУ, иако е земја-кандидат од декемри 2005 година, а Европската комисија на трим пати упати препорака дека е подготвена за преговори, што го потврдија и Европскиот парламент и Европскиот совет, посочи шефот на дипломатијата.
Тој посочи на пресудата на Меѓународниот суд на правдата, денесена во декември 2011 година, како нов елемент што треба да се земе предвид, посебно што покажува дека ветото на Грција за членство на Македонија во НАТО било нелегално, поради што се очекува нашиот јужен сосед да не ја направи истата грешка повторно.
- Македонија ги исполни сите критериуми за отворање преговори со ЕУ. Отворањето на преговорите ќе ја зајакне перспективата за ЕУ во регионот, посебно што Македонија како држава има стабилна макроекономска и фискална политика. Тоа ќе го олесни социо-економскиот развој на Македонија, ќе внесе динамика во реформите и ќе придонесе за меѓуетничка кохезија и подобра регионална перспектива. Тоа може само позитивно да влијае на напорите за решавање на прашањето за името, а не обратно. Македонија и Грција може да бидат позитивен модел, по примерот на Словенија и Хрватска. ЕУ има инвестирано многу во Македонија. Ние сакаме да се докаже дека Македонија е добра инвестиција, со тоа што ќе добиеме почеток на преговори за пристапување кон Унијата. Неактивност на ЕУ во врска со разговорите за пристапување на Македонија треба да биде заменета со стратегиско и проактивно размислување и донесување на одлуки, констатира министерот Попоски, кој говореше и за почнувањето на претседавањето на Македонија со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, кое започнува во јули 2012 година.
На констатацијата од претставникот на ЕК за транспорт, во врска со монополот во Македонија во железничкиот транспорт, што го држи државна компанија, образложено со барањето на претседателот на ЕК Баросо, за отворање на сите пазари и од страна на земјите-кандидати за членство во ЕУ, Попоски со одговор: „Што се однесува до железничкиот транспорт, тука нема некаков правен проблем, туку задржувањето на државниот монопол во овој сегмент е од социјален аспект. Причината е што отворањето на овој пазар ќе има последици за вработените во трите компании на Македонски железници: инфраструктура, транспорт и одржување. Мора да внимаваме да се избегне социјален ефект и отпуштање на луѓе од работа, како што беше случајот со македонска железара, која дури денес, со влегувањето на неколку странски приватни компании придонесе да се вратат на работа повеќето од илјадниците отпуштени. Ние имаме организација за транспорт во нашиот регион и разговараме за оваа тема“.
Претставничка на италијанската Мисија при ЕУ го праша Попоски дали во Македонија, каде интеграцијата во ЕУ има поддршка кај над 80 проценти од народот, може да забележи драстичен пад со одложувањето на преговорите и дали тоа може да предизвика фрустрации кај народот.
- Тоа е реалност и не може да се избегне. Македонските граѓани, како и оние на другите земји-членки, не го разбираат целосно механизмот за донесување одлуки во ЕУ. Има Европска комисија и тие имаат начин да одлучат дали ќе почнат или не преговорите. Да, одложувањето дефинитивно ќе влијае на мислењето за ЕУ во Македонија, посебно што ланскиот евро-барометар покажа првпат дека Македонците не им веруваат на европските институции. Тоа што не и се дозволува на Македонија почеток на преговорите е удар и има некои што сакаат ваков развој на настаните и гледаат ќар од сето тоа, но нам ни е потребна "вин-вин" ситуација, а морковот и стапот е во рацете на земјите-членки на ЕУ! , посочи на крајот од дебатата министерот Никола Попоски.
По дебатата во европскиот Прес клуб, министерот Попоски имаше работен ручек со германскиот амбасадор Темпле, а попладнево во Македонската амбасада во Брисел со преставници на македонската дијаспора во Белгија.
На неговата денешна агенда во Брисел се и средби со претседателот на Комисијата за надворешни работи на Сенатот на Белгија, Карл Волуве, со претседателот на Комисијата за надворешни работи на Парламентот на Белгија, Франсоа Ксавиер де Донеа. Посетата на Брисел ќе ја заврши со средбата со министерот за надворешни работи на Белгија Дидиер Рендерс, на која ќе присуствуваат и директорот за европски земји при МНР на Белгија Денис де Хувере, Патрик Херман од секторот за билатерални односи со Југоисточна Европа, Теодора Генцис од секторот за меѓународни односи и ЕУ и со соработникот за Југоисточна Европа Ив Рожистер.