Груевски: Намалeните камати се охрабрување за развој
Најавата за намалување на каматните стапки на државните записи, за премиерот Никола Груевски е потег со кој Владата сака да испрати уште еднаш сигнал до банките што повеќе пари да инвестираат во стопанството.
- Тоа е еден потег со кој уште еднаш сакаме да испратиме сигнал до банките вишокот ликвидност, која во овој момент е на високо ниво, наместо кон државните органи, Централната банка и Министерството за финансии, да го инвестираат во стопанството, во економијата, во инвестиции, да ги поддржат македонските компании и компаниите што инвестираат во Република Македонија и кои реално отвораат работни места, изјави премиерот по поставувањето камен темелник на нов трговски центар во општина Аеродром.
Тој додаде дека ова е на некој начин чекор што доаѓа последователно по чекорот на Централната банка која исто така ги намали нивните камати. - И чекорот на Министерството за финансии, истакна, е практично во правец на таа политика за која и пред некое време говорев дека наша проценка е дека Централната банка со намалување на каматите испраќа сигнал до банките повеќе од своите ликвидни средства да ги насочат во кредитирање на економијата, а сега тоа го прави и Владата, односно Министерството за финансии.
Според премиерот, ова на некој начин е и директен демант на опозицијата која тврдеше дека Централната банка ги намалува каматите за парите да се пренасочеле во државните записи кои се легален инструмент и многу корисен во секоја држава, меѓутоа, како што истакна, кај нас се направи проблем и за тоа.