Главниот преговарач на Северна Македонија со Европската Унија и вицепремиер за европски прашања, Бојан Маричиќ во денешното обраќање на првиот билатерален скрининг, пред Европската комисија, истакна дека имаме капацитет и можеме да одговориме на предизвиците кои ги носат преговорите, за граѓаните час поскоро да ги почувствуваат придобивките од процесот.
-Верувам сите разбираат дека токму заради подобар живот на граѓаните преземаме одговорност државата да ја вклучиме во еден организиран систем кој ќе функционира според стандардите на ЕУ. Со државнички одлуки влеговме во овој процес, кој нема да биде лесен и кој бара заложба и политичка волја, но носи европски стандард за граѓаните и крај на неизвесноста за просперитетот и стабилноста на државата, истакна Маричиќ.
На билатералниот скрининг кој започна денеска со состанок за Поглавјето 5, „Јавни набавки“, вицепремиерот информираше за досега сработеното во областа на јавните набавки, како од аспект на реформи, така и од аспект на правната рамка во областа, подвлекувајќи дека тие се од суштинско значење за динамиката на преговорите во целина.
- Јавните набавки се клучен столб за испорака на услуги за владите. Добро дизајнираните системи за јавни набавки придонесуваат за постигнување на итни политички цели како што се заштитата на животната средина, иновациите, отворањето работни места и развојот на малите и средни претпријатија, а тоа е од суштинско значење за динамиката на преговорите во целина, рече Маричиќ.
Во однос на институционалната архитектура - Бирото за јавни набавки, формирано во рамките на Министерството за финансии уште во 2005 година, е главниот орган на системот за јавни набавки во земјата, како и Државната комисија за жалби, посочи вицепремиерот Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ посочи и дека во областа на концесиите и јавно-приватното партнерство, со техничка помош на Светска банка е подготвен нацрт-закон за транспонирање на Директивата 2014/23/ЕУ за доделување на договори за концесија, а исто така, подготвен е предлог Закон за концесии на стоки од општ интерес со техничка помош од твининг проектот на ЕУ „Зајакнување на функциите за планирање, извршување и внатрешна контрола на буџетот“.
На билатералниот скрининг состанок присуствува и заменик главниот преговарач и државен секретар Дрита Абдиу Халили, како и претставниците на Работната група за ова поглавје од Бирото за јавни набавки, Државната комисија за жалби за јавни набавки, Министерството за одбрана, Државната комисија за спречување на корупцијата и Секретаријатот за европски прашања.
Надлежна институција за ова поглавје е Министерството за финансии, односно Бирото за јавни набавки, а Работната група е предводена од државниот советник во Бирото за јавни набавки, Александар Аргировски.
На 14 и 15 ноември, во Луксембург, продолжуваат билатералните скрининг состаноци за Поглавје 18, „Статистика“.