Министерот за образование и наука Јетон Шаќири во рамките на билатералната седница помеѓу владите на Република Северна Македонија и Република Албанија, потпиша два Меморандума и една Програма за соработка со неговата колешка, министерката за образование и спорт Евис Куши.
Првиот меморандум се однесува за соработка меѓу Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија и Министерство за образование на Република Албанија за корекција/јазична редакција на албанскиот јазик во Република Северна Македонија и во Република Албанија.
Страните ќе соработуваат за употреба на албанскиот стадарден јазик преку заеднички активности поврзани со корекција/јазична редакција на албанскиот јазик во Република Северна Македонија и во Република Албанија во областа на образование, здравство, правосудство, медиуми, јавна управа и други области од заеднички интерес.
Вториот меморандум, потенцираше министерот, кој беше потпишан денеска, Меморандум за соработка меѓу Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија и Министерството за образование на Република Албанија за примена на албанскиот знаковен јазик во Република Северна Македонија и во Република Албанија
- Со овој Меморандум се обврзуваме да бидат ангажирани експерти за знаковен јазик за негово изучување од целни групи како што се лица со говорни пречки, глуви и делумно глуви лица, како и за изработка на наставните програми на албански знаковен јазик, методологии за двојазично образование за глуви ученици во нивоата на образование (предучилишно, основно, средно и високо образование), како и за промовирање и подигање на свеста за правата на глувите лица во однос на социјалната заштита, вредностите за помош и грижа за лицата со одреден степен на попреченост во зборувањето и слушањето, изјави Шаќири.
- Со цел развивање и продлабочување на постојната соработка во областа на образованието и научните истражувања меѓу институциите на двете земји, се обврзавме да ја поддржиме соработката во областа на предуниверзитетското образование и спортот преку директни контакти на предуниверзитетските и спортските институции, со размена на искуства, учебници, рече Шаќири по потпишувањето на Програмата за соработка.
Согласно Програмата, земјите потписници се согласни да разменат искуства во областа на професионалниот развој на наставниците и да ја промовираат соработката помеѓу професионалните мрежи на наставници, преку формирање работни групи за оценување, преглед и отстранување на содржините од учебниците во кои има говор на омраза, дискриминација, неточности и искривување на историските научни вистини.
- Република Северна Македонија и Република Албанија, се обврзаа да ја промовираат соработката во наставата на мајчиниот јазик и култура на учениците од македонското малцинство во Република Албанија и на албанското население во Република Северна Македонија, додаде Шаќири.
Согласно Програмата за соработка, на студентите од двете земји, ќе им бидат ставени на располагање и стипендии на државните високообразовни институции за изучување на македонскиот јазик и литература и за изучување албанскиот јазик и литература, како и стипендии за студиски престои. МОН секоја година ќе понуди по две стипендии за учество на летниот курс за изучување на македонскиот јазик, кој се одржува во Охрид, додека Министерството за образование и спорт на Република Албанија, реципрочно ќе понуди две стипендии за учество на летен курс за изучување на албанскиот јазик и литература на Универзитетот во Тирана.
Програмата за соработка предвидува и размена на експерти од областа на образованието, преку спроведување на студиски и истражувачки посети, при што се предвидени и стипендии за научно-истражувачки студии и стипендии за последипломски студии.