Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, денеска се обрати на панел на Конференцијата за инвестиции во обновливи извори на енергија во земјите од Западен Балкан, во организација на Петседателот на Србија Александар Вучиќ и амбасадата на Кралството Норвешка. Панел дискусијата беше посветена на можностите за инвестиции во земјите од Западен Балкан од страна на норвешки инвеститори.
На почетокот на панелот вицепремиерот Битиќи посочи дека Северна Македонија има одлични временски услови за обновливи извори на енергија бидејќи имаме повеќе од 260 сончеви денови за фотоволтаици, но во исто време добри услови и за ветерни паркови, продолжувајќи дека покрај овие први услови, следна важна е законската рамка.
„Во оваа насока, со гордост можам да кажам дека Северна Македонија нуди јасно дефинирана правна рамка за инвестирање во обновливи извори во земјата, и е во согласност со законодавството на ЕУ“, истакна Битиќи.
Додавајќи дека имаме либерализиран пазар за енергија, за така наречени големи потрошувачи, но инвеститорите може да ја извезуваат енергијата и на други пазари. Имаме добри мрежни врски со нашите соседи и во исто време инвестираме за зголемување на капацитетите на мрежата.
„Процедурите се поставени, а ние секојдневно работиме на нови решенија и пристапи со цел да се поедностави што е можно повеќе. Улогата на Владата е да создаде поволна средина за инвестирање и за ова мислам дека даваме сè од себе. Како Влада и како земја која е на патот кон ЕУ интеграција, го поставивме патот за активностите за климатски промени со усвојување на европското законодавство за клима, како и Парискиот договор кадешто се обврзуваме на исполнување на нашите обврски. Во меѓувреме, ние како држава инвестираме во обновливи извори преку ЈПП или чисти државна инвестиција, за да бидеме пример и да бидеме први што ќе ја започнеме транзицијата од производство на енергија од фосилни горива, главно јаглен, кон зелена и јаглеродно неутрална енергија“, додаде Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи истакна дека Северна Македонија нуди поддршка во реализација на инвестициите, како и креирање на предвидливост а со тоа и доверба на инвеститорите, дека нивната инвестиција е сигурна во нашата земја. „Затоа што таа вистински е. Тоа веќе го имаме докажано, а го потврдуваат големиот број странски инвеститори кои доаѓаат во нашата земја, остануваат и продолжуваат да инвестираат“, истакна Битиќи.
Вицепремиерот во своето обраќање ја потенцираше меѓусебната зависност која мораме да ја негуваме и продлабочуваме.
„Досега зборувавме за зависност, од кои извори сме зависни за снабдување со енергија. Во иднина мораме да зборуваме и работиме кон меѓузависност, соработка, што секако води до диверзификација и стабилност во снабдувањето. Ова е клучно за идниот развој и веројатно, нашиот регион треба да почне да работи кон регионална енергетска заедница“, заклучи вицепремиерот Битиќи.