Министерот за економија Крешник Бектеши денеска оствари работен состанок со компании од прехранбената индустрија и трговија. На состанокот присуствуваше и директорката на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Анета Димовска Симеска.
На состанокот на кој што се разговараше за мерките и очекувањата на Владата за цените на основните прехранбени производи, министерот Бектеши информираше и за новиот Закон за заштита на потрошувачите кој стапи на сила на почетокот на оваа недела.
По средбата министерот Бектеши кажа дека согласно разговорите со компаниите очекувањата се дека од почетокот на декември да има намалување на цената на основните прехранбени производи од пет до 13 отсто, согласно мерката на Владата за фиксна цена на електричната енергија за прехранбената индустрија.
Министерот на состанокот кажа дека се разгледуваат и други мерки од страна на Владата се со цел стабилизирање на пазарот и намалување на цените на основните прехранбени производи..
„Тоа што им беше најголем товар на компаниите, се среди. Затоа во континуитет одржуваме состаноци со производителите на основните прехранбени производи. Тие може да ги достават нивните предлози и тоа, по мое барање, треба да се случи наредната недела. Таму каде што ќе има можност, ќе се интервенира од страна на надлежните институции. Но, согласно сите проекции и анализи очекувам такво намалување во речиси секој од производите наведени во Одлуката. Да, може да се случи да има зголемување на цената на суровини кои се увезени, но секако дека има одредени механизми и за таму да може да се стабилизира и ако тоа е проблемот за да има дополнително намалување на цените, ние сме подготвени и тоа да го направени, но прво сакаме да видиме дека има волја дека кризата не треба да биде на товар на граѓаните, односно потрошувачите, туку сите да ја распределиме“, истакна министерот Бектеши.
На средбата производителите, како што рече Бектеши, биле информирани и дека се прават анализи за дополнителни мерки кои би требало да се донесат до крајот на годината.
„Како Министерство за економија ги информиравме производителите дека се направат дополнителни анализи за дополнителни мерки кои би требало да се донесат до крајот на годината и очекуваме да постапат согласно тоа што се очекувања и од страна на граѓаните и тоа што е можност да се направи се со цел цените на прехранбените производи во Одлуката да бидат намалени во рамките на маржите кои биле претходно да не се злоупотреби барем со тие производи, во друг случај ние како Министерство за економија сме ги подготвиле наредните одлуки кои би следеле, а тоа секако ќе значи дека ќе бараме и други извори на снабдување“, изјави министерот Бектеши.
Министерот кажа дека веќе е започнат трендот на намалување на цените на основните прехранбени производи.
„Веќе почна трендот на намалување на цените на одредени производи, посебно на лебот, млекото, млечните и на некои месни производи. Одреден производител на млеко имаше пред 4-5 дена цена над 80 денари, а денеска цената е 76 и најверојатно од 1 декември ќе има дополнително намалување. Одредени производители на леб имаат цени над 40 денари, а денеска тие се движат од 36 – 38 денари. И таму очекуваме дополнително намалување. Истото важи и за месните производи. Согласно сите калкулации, ќе има дополнително намалување во наредните денови со оглед дека завршуваат сите постапки во ЕСМ продажба за склучување на договорите со компаниите производители на основните прехранбени производи“, кажа министерот.
Директорката на ДПИ кажа дека инспекторите се на терен и прават контроли, посебно по стапување на сила на новиот Закон за заштита на потрошувачите и најави дека во наредниот период заедно со трговците ќе се одржат дополнителни состаноци со цел прецизирање на одредбите на законот преку Правилници кои дополнително треба да бидат донесени во наредниот период.