Петровска од Кремс: Евроинтеграциите се движечка сила за Западниот Балкан, дијалогот кој го промовира Северна Македонија дава надеж за целиот регион

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска денеска во Кремс учествуваше на министерскиот состанок на Централноевропската одбранбена соработка и земјите од Западниот Балкан, на кој стана збор за европската перспектива на земјите од регионот, процес кој е исклучително важен особено во денешната безбедносна реалност на европскиот континент.

„Овие времиња на предизвици претставуваат и една уникатна можност за сите нас да ја засилиме безбедносната соработка и да го интензивираме меѓусебниот дијалог. Ова се времиња во кои мораме да бидеме посветени на брза и ефикасна евроинтеграција на целиот Западен Балкан“, рече министерката.

Регионот, потенцираше министерката, припаѓа на Европа и на Европската Унија, а нашите земји, особено Северна Македонија, покажаа дека се посветени на европските принципи и вредности. Пристапниот процес мора да биде кредибилен, зашто европската интеграција е најсилната мотивација за развој и е најдобрата идеја го поврзува регионот.

„Северна Македонија докажа дека активно придонесува кон развојот на стабилноста, добрососедските односи и регионалната соработка во Југоисточна Европа, особено имајќи ја предвид нашата култура на дијалог и нашата способност за изнаоѓање решенија и за тешки билатерални прашања. Одлуките што ги донесовме беа тешки, но тие дадоа надеж за целиот регион и поставија пример за тоа како можат да се најдат решенија и за најсензитивните прашања на Балканот“, рече Петровска.

Во контекст на Централноевропската одбранбена соработка, министерката Петровска порача дека земјите – членки се исклучително значајни во поддршката во пристапниот процес, особено во градењето на капацитети за борба против корупцијата и организираниот криминал, работењето согласно принципите за добро владеење и функционирањето на правната држава.

„Западниот Балкан нема време за уште еден изгубен моментум во процесот на евроинтеграција. Унијата мора да биде прагматична, да овозможи полесен пристап до инвестиционите проекти, а особено во градењето на демократски институции и општества. Северна Македонија е цврсто посветена на веќе започнатиот скрининг-процес зашто за нас интеграцијата во Унијата е најсилниот импулс за демократија, просперитет и безбедност за сите наши граѓани“, заклучи министерката.

Централноевропската одбранбена соработка е формирана во 2010 година, а нејзини членки се седум држави: Австрија, Чешка, Словачка, Словенија, Унгарија, Хрватска и Полска како земја – набљудувач. Северна Македонија активно соработува со оваа иницијатива од 2016 година, а главната цел е зајакнување на регионалната безбедност и споделување на одбранбените способности.