Зајакнувањето на билатералната соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Хрватска во делот на правосудството како и градењето на капацитетите за водење на преговорите во делот на Поглавјето 23: „Правосудство и темелни права”, беа главните теми на кои во Загреб разговараа министерот за правда Никола Тупанчески и министерот за правда и администрација на Хрватска, Иван Маленица.
На средбата се разменија мислења за прашања преку кои нашата држава може да извлече практични и корисни искуства од Хрватска значајни за евроинтегративниот процес.
„Хрватска е добар пример за следење во однос на исполнувањето на конкретните задолженија во правосудството за зачленувањето на нашата држава во Европската Унија. Поглавјето 23 е едно од најобемните и сложени поглавја, а брзината и времетраењето на преговорите во оваа област директно влијаат врз напредокот на преговарачкиот процес”, рече министерот за правда Никола Тупанчески.
Хрватскиот министер Иван Маленица посочи дека во наредниот период ќе се интензивира соработката и дијалогот меѓу двете држави во насока на наоѓање решенија базирани на европските вредности. На средбата се разговараше и за искуството на Хрватска за ветингот во правосудниот систем, сузбивањето на организираниот криминал и корупција, како и за имплементацијата на билатералните договори меѓу двете држави и закондавната агенда.Тупанчески и Маленица имаа свои обраќања и на Загребско-скопскиот колоквиум кој се одржа на Правниот факултет во Загреб.