Министерот за надворешни работи денес одржа брифинг со шефови на странските дипломатски мисии и мултилатерални организации во земјава, каде ги претстави најзначајните активности во надворешната политика во изминатата година. Во рамките на претставувањето на работата на МНР, Османи направи осврт и кон претстојните активности на дипломатијата во 2023 година, со посебен акцент на актуелностите во однос на нашето ЕУ досие, претседавањето со ОБСЕ во 2023 година, претседавањето со САД -Јадранската повелба (А5), во делот на имплементацијата на политиките на НАТО во регионот, како претседавањето и со ПСЈИЕ - Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
„Почетокот на пристапните преговори за членство во Европската Унија по 17 години кандидатски статус и забрзување на процесот на ЕУ-реформите, меѓу другото и преку скринингот што веќе се одвива; потоа лансирањето на Стратешкиот дијалог со САД, како надградба на Стратешкото партнерство од 2008 година; потпишувањето на договорот за Фронтекс, кој долги години беше заглавен поради несогласувањето за употребата на македонскиот јазик; потоа членството на Северна Македонија во Унијата за Медитеранот, како една од поголемите мултилатерални организации за соработка на Европа со земјите од Медитеранот; но и активен придонес и доследното спроведување на преземените обврски како НАТО членка; сѐ се тоа бројните значајни постигнувања што ќе бидат забележани во надворешната политика на земјава во 2022 година“, истакна Османи во воведното обраќање пред дипломатите.
Османи ја истакна и посебноста на земјава и нејзиниот придонес во меѓународните односи како земја препознатлива по нејзината автентична култура на дијалог и способност за постигнување компромиси за билатерални прашања. Република Северна Македонија се докажа и се промовираше како активен придонесувач во градењето и зајакнувањето на стабилноста, добрососедските односи и регионалната соработка во Југоисточна Европа.
„Преку многу работа, преку упорност и инсистирањето на политиката на компромис ја нагласивме европската надеж за целиот регион и уверен сум дека нашиот пример може да се искористи како пример и за останатите земји во надминување на преостанатите отворени прашања на Балканот. Ние сме подготвени на ова да работиме, секако во соработка со нашите меѓународни партнери и пријатели“, нагласи Османи.
На брифингот дипломатите покажаа голем интерес за претстојните активностите на земјава по сите актуелни прашања: од начинот на имплементација на европското досие, преку нашата улога во НАТО и однос кон руската агресија врз Украина, како и за приоритетите и плановите во рамките на нашето претседавањето со ОБСЕ и другите мултилатерални организации во 2023 година.