Маричиќ: Со политичка волја и конкретни чекори од ЕУ, интеграција на регионот е реална

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, учествуваше на панел-дискусија посветена на проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, на која истакна дека клучна е политичка волја на Европската Унија за поинаков пристап, подинамичен пристап кон Западен Балкан, да се одрази и преслика и во конкретни чекори.

- Она што е важно за политичка волја на ЕУ е таа да е проследена со конкретни чекори, но и со конкретен план за зачленување на државите од Западен Балкан. Но, мора да се спојат двете политички волји, политичката волја за проширување од страна на Европската Унија и политичката волја за реформи од страна на државите од Западен Балкан. Само на тој начин може да се врати вербата на граѓаните и на оние политичари коишто работат за членство во ЕУ дека е тоа реално остварлива цел, рече Маричиќ.

Според него најважно е сега ЕУ да биде заедно со државите од Западен Балкан и да остане присутна во регионот, при што го поздрави и утрешниот Самит на ЕУ-Западен Балкан во Тирана, велејќи дека тоа е позитивен сигнал сам по себе, по прв пат сите лидери на Европската Унија да дојдат во нашиот регион и да заседаваат негде надвор од Европската Унија, заедно со државите од Западен Балкан.

Вицепремиерот за европски прашања, Маричиќ, посочи дека војната во Украина наметна ЕУ повторно да размислува за нејзината геостратешка позиција и цел, при што на маса се стави повторно концептот на Европската Унија како мировен и политички проект.

- ЕУ е мировен и политички проект. Инаку да не беше така немаше воопшто да дискутираме дали треба Украина да биде членка на Европската Унија или не, и останатите држави од тој регион, истакна Маричиќ, додавајќи дека војната во Украина го смена пристапот на одредени земји-членки кон политиката на проширување на ЕУ и поттикна заеднички ангажман и притисок што поскоро да се затворат отворените билатерални прашања и за секоја од државите од Западен Балкан да се направи еден исчекор напред.

Маричиќ зборуваше и за сегашната перцепција на граѓаните од Западен Балкан за членството во ЕУ, дека тешко достижно е членството во Унијата и кажа дека борбата со таа перцепција може да ја добиеме само доколку има јасен израз на политичка волја за реформи.

- Тоа неопходно да се направи од наша страна, од страна на државите од Западен Балкан и сите влади, и тоа силни реформи, искрени и без импровизација, а од друга страна, за да тоа има ефект, и за да може да имаат навистина политичка тежина тие реформи, мора да има јасна политичка волја од страна на државите членки на ЕУ, исто така искрено и без импровизации, да дојдеме до точка на членство што побрзо, потенцираше Маричиќ.

Вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ денеска учествуваше на конференцијата: „Интензивирана соработката: заживениот Берлински процес и иднината на регионалниот Соработка во Југоисточна Европа“, организирана од Фондацијата Фридрих Еберт (ФЕС) во соработка со Амбасадата на Федералната Република Германија во Северна Македонија.

Конференцијата имаше за цел да отвори дискусија за придобивките од Берлинскиот процес, со посебно внимание на проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан во светлината на војната со Украина, енергетската безбедност како дел од зелената агенда како и заедничкиот регионален пазар. Соговорници на Маричиќ беа и поранешната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, Симонида Кацарска од Институтот за европска политика, Марко Трошановски од Институтот за демократија, Сузана Шуц, директорка за Југоисточна Европа, Турција и земјите од ЕФТА во германското Министерство за надворешни работи и Филип Тосевски, државен секретар во Министерството за надворешни работи.