Презентирана новата Стратегија за соработка на Швајцарија со Македонија
На работна сесија во Скопје пред претставници на централната и локалната власт беше презентирана новата Стратегија за соработка на Швајцарија со Македонија 2013-2016 година.
На работилницата беа споделени предложените швајцарски приоритети за Македонија за периодот 2013-2016 година и се разговараше на кој начин може да се поддржат македонските национални приоритети.
- Министерството за животна средина и просторно планирање, во изминативе години оствари одлична соработката со Швајцариската влада претставена од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) и Државниот секретаријат за економски прашања (СЕЦО), а преку Швајцарската канцеларија за соработка во Македонија. Од таа соработка произлезе реализација на бројни успешни проекти во секторот води, секторот природа, во областа на подигање на јавната свест, ..., рече министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми во своето обраќање на работилницата.
Иако соработувавме на различни полиња, потенцира, нашиот заеднички интерес, пред се секторот води како национален приоритет, сметам дека е одличен правец во кој што би се движела нашата понатамошна соработка.
- Реалните проблеми со кои се соочуваме при управување со водните ресурси и речните сливови дадоа широка рамка на зафаќања на можните проекти и потреба од третирање на секторот води од различни аспекти. Тоа подразбира интервенции во областа на водоснабдување, пречистување на отпадни води и енергетско искористување на водните потенцијали, посочи Адеми.
Во моментов, додаде, се реализираат единаесет тековни проекти во областа води за кои ние како Министерство, без оглед на отежнатите економски услови сме целосно подготвени да ги завршиме проектните циклуси.
- Морам да го посочам и секторот природа во кој веќе имаме остварено одлична соработка и кој, исто така, е добра основа за реализација на идни проекти. Сметам дека видливите резултати произлезени од нашата соработка, како и подготвеноста на Министерството за животна средина и просторно планирање сериозно, доследно и навремено да ги реализира преземените обврски се добра подлога за местото што областа животна средина треба да го заземе во новата четиригодишна Стратегија за соработка на Швајцарија за Македонија, нагласи Адеми искажувајќи надеж дека соработката во идните години ќе се продлабочи.