Од прес-конференцијата на соработникот за енергетика Андонов: Електро-енергетскиот систем е стабилен, да се пријават сите кои се таргетирани со мерката за поевтина струја од 1 јануари

На денешната прес-конференција во Владата на Република Северна Македонија, на којашто се обрати соработникот за енергетика на премиерот, Виктор Андонов беа споделени корисни информации за состојбата на електро-енергетскиот систем.

„Изминатото деноноќие (09.12.2022 година) вкупно произведени се 13.089 Mwh електрична енергија, од кои 11.011 Mwh електрична енергија од термоелектраните, а 2.078 Mwh од обновливи извори, односно од големите хидроелектрани и од ветерните електрани. Со ова производство на електрична енергија целосно се задоволени потребите на домаќинствата и малите потрошувачи“, рече соработникот Андонов.

Тој додаде дека е направена и набавка на 2.210 Mwh електрична енергија со којашто се задоволени потребите на болници, градинки, училишта, јавни претпријатија, капацитети од прехрамбената индустрија и објекти од виталната инфраструктура на државата, и подвлече дека електроенергетскиот систем во државата е стабилен и функционален, обезбедени се сите негови функции. Соработникот Андонов рече дека сите потреби на домаќинствата и малите потрошувачи се целосно задоволени од домашното производство на електрична енергија од ЕСМ, во таа насока се и информациите од ЕСМ дека производството на електрична енергија за периодот од јануари до ноември оваа година во споредба со истиот период лани е зголемено.
„Мерките на Владата за обезбедување на поевтина струја по фиксна цена за прехрамбената индустрија, јавно комуналните претпријатија и средни и основни училишта, во декември се реализираат и веќе над 500 субјекти коишто се пријавиле да користат електрична енергија по субвенционирана цена. Упатувам апел до сите останати субјекти, кои ги исполнуваат условите и се наоѓаат во таргетираните сектори да се пријават и од 1 јануари да користат поевтина струја по фиксна цена. Сите треба да бидеме одговорни и рационално да ги користиме ресурсите во време на криза“, рече Андонов на прес-конференцијата.

Воедно тој истакна дека во следниот период ќе се носат важни одлуки за цената на електричната енергија, регулаторната комисија за енергетика ќе го има конечниот збор.

„Владата одлучува за цената на електричната енергија прозиведена од ЕСМ која е само една компонента во крајната цена и во овој дел Владата ќе ги разгледува сите анализи, проекции на затворена седница откако истите ќе бидат доставени од ЕСМ. Да оставиме независните институции професионално да си ја завршат работата и во периодот што следува по донесување на конечните одлуки, јавноста навремено ќе биде информирана за донесените одлуки“, рече соработникот за енергетика на премиерот, Виктор Андонов на заедничката прес-конференција со портпаролот на Владата на Република Северна Македонија, Муамет Хоџа.