Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА рече дека е рационален оптимист и дека полноправното членство на Северна Македонија во ЕУ до 2030 е амбициозна но остварлива цел.
„Денес разговаравме за нашата европска иднина, за отпочнатите преговори, отпочнатиот скрининг, за напредокот, за конкретни реформи кои треба да се случат, а не зборуваме дека сето ова треба да се случи во иднина. Тоа е огромен напредок и навистина сум горд на тоа.
На 19 јули ние ги отпочнавме преговорите со ЕУ ја одржавме првата меѓувладина конференција. На 15 септември започна скрининг процесот. На 26 октомври го потпишавме договорот за ФРОНТЕКС кој е прв документ на кој имаме ставено потпис заедно со сите останати 27 земји членки на ЕУ, на македонски јазик, без никакви додавки, ѕвездички и фусноти.
Со овие три датуми ние започнавме ново поглавје во нашиот европски пат, и одиме кон полноправното членство во ЕУ. Донесовме многу тешки одлуки, но со тоа покажавме и визија, и лидерство и храброст, затоа што сето ова реално значи можност за подобра, побогата иднина, подобар животен стандард за граѓаните, можност децата да ни живеат во земја членка на ЕУ, но тоа наместо да биде во некоја друга земја, да биде тука, дома, во Северна Македонија“, рече Ковачевски.
Премиерот истакна дека скринингот си тече како што и беше планиран, и пред нас сега се уставните измени, кои ќе се најдат пред македонското Собрание и нашите 120 пратеници. Јасно ми е дека нивната одлука нема да е лесна, но очекувам дека ќе покажат државничко однесување.
Она што е јасно е дека тие имаат избор да остават да биде се така како што било и да ја остават земјата во стагнација и неизвесност, но јас искрено верувам и уверен сум, дека тие ќе бидат на ниво на задачата и ќе донесат одлука за да овозможат подобра иднина и за нас и за нашите деца.
„Пратениците се сепак и пред сѐ претставници на граѓаните, а граѓаните сакаат да живеат во земја членка на ЕУ. Сакаат да сме полноправна членка. Не само заради членството само по себе, туку заради подобар животен стандард, заради подобро владеење на правото, подобра инфраструктура, подобри услуги за граѓаните, заради економски напредок, социјална правда, и владеење на демократија. Граѓаните сакаат подобар живот по европски стандарди, затоа што сакаат децата да им останат дома и тука да си ја градат иднината“, рече Ковачевски.
Премиерот посочи дека немаме друга алтернатива освен членството во ЕУ. И тој пат до ЕУ нема да е лесен, но мора да се изоди. Затоа што на крајот на тој пат е големата награда, полноправното членство во ЕУ.
„Нашите граѓани, идните генерации ќе живеат во ЕУ, побогати и со подобар стандард од тоа што го имаат сега, а нашето општество ќе се трансформира во општество со европски вредности“, рече Ковачевски.
Премиерот Ковачевски истакна дека и патот на земјите членки кои пред многу години биле во нашата ситуација, а кои по членството во ЕУ доживеале сериозен раст и развој не бил лесен, и нивната трансформација била постепена и тешка, но денес нивните граѓани имаат шанса да живеат во земји со подобар стандард, да се побогати, да живеат европски и слободно.
„Дали ќе бидеме и ние таму, сега зависи само и единствено од нас. Подадените раце на поддршка од нашите пријатели, оваа шанса која ја имаме, не смееме да ја пропуштиме", вели Ковачевски.