Прес-конфереренција на министерот задолжен за дијаспора, др. Џемаил Чупи и министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити за проектот „Центар за дијаспора“ на локално ниво

Министерот задолжен за дијаспора во Владата на Република Северна Македонија, д-р. Џемаил Чупи денес на заедничка прес-конференција со министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити го презентираа проектот „Центар за дијаспора“ на локално ниво.

Во продолжение интегралното обраќање на министерот задолжен за дијаспора во Владата на Република Северна Македонија, д-р. Џемаил Чупи:

„За денешнава прилика подготвив кратко излагање во насока на подобро запознавање на пошироката јавност покрај другото и со еден успешно реализиран дел од спектрумот на активностите на мојот Кабинет, за кои сметам дека се од исклучителна важност за сите сонародници со потекло од Република Северна Македонија, кои живеат и работат ширум светот и ја сочинуваат нашата дијаспора.

Владата на Република Северна Македонија континуирано работи во функција и за интерес на дијаспората и истовремено се залага за исполнување на заедничката општа цел и мисија кои се предвидени во Националната стратегија за соработка со дијаспората и во Членот 49 од Уставот на Република Северна Македонија во контекст на постојана грижа за припадниците на нашата дијаспора во светот.

Јас, како министер задолжен за дијаспора, целосно сум убеден во неизмерно големото значење и потенцијал на нашата дијаспора во поглед на целокупниот политичко-демократски и социо-економски развој на Република Северна Македонија а истото се сведува на ниво на национален интерес, затоа сум особено внимателен со сè што е поврзано со мојата област на компетентноста, и се стремам да го дадам својот придонес за да се олеснат процесите на вклучување на нашата дијаспора во сите сфери на животот, како во земјата каде што живеат, така и за времето на нивното враќање во родниот крај.

Согласно општата визија вградена во националната стратегија а во насока на унапредување и институционализирање на ефективната соработка во различни области помеѓу Владата и дијаспората, при моите посети во државите каде имаме поголем број припадници на нашата дијаспора посветував особено големо внимание и интерес кон истражување на потенцијалот на дијаспората од економски но и од културен/образовен аспект заради негово искористување во насока на зајакнување на врските со матичната држава и нивниот позитивен ефект во иднина.

Со зголемување на трендот на млади луѓе кои се ориентирани кон подобар живот во развиените западни земји, додавајќи го на тоа и одливот на мозоци, имено, миграција на професионалци, лекари, инженери и сл. се наметнува неодложна потреба дијаспората да има поактивна улога во развојот на нашата земја, од причина што само на тој начин ќе излезат на виделина успесите на многу наши сонародници кои живеат надвор од земјата, кои ги достигнаа височините на успехот на различни полиња. Нивниот придонес не треба да се гледа само во испораката на филантропија, или во привлекување на инвестиции и претприемачки активности, туку и на полето на пренесување на нови професионални вештини, како и нивниот придонес во развојот на демократизацијата на земјата и заштитата на човековите права.

Дозволете ми накратко да се осврнам на еден актуелен проект на Кабинетот задолжен за дијаспора за кој сме повикани. Во интерес и за доброто на нашата дијаспора, чест и задоволство ми е да ве известам дека неодамна во име на Владата, завршив со поединечно потпишување на Договорите за соработка во областа на дијаспората помеѓу Владата на Република Северна Македонија и 23 општини на Република Северна Македонија кои ја прифатиле оваа иницијатива и тоа за следните: 1. Аеродром; 2. Берово; 3. Босилово; 4. Василево; 5. Виница; 6. Гостивар; 7. Дебар; 8. Делчево; 9. Карпош; 10. Кисела Вода; 11. Кичево; 12. Конче; 13. Кочани; 14. Крушево; 15. Маврово и Ростуше; 16. Македонски Брод; 17. Новаци; 18. Ново Село; 19. Ресен; 20. Свети Николе; 21. Теарце; 22. Центар Жупа; 23. Штип (анекс договор).

Појаснувам дека овие канцеларии пред сè имаат посредничка улога и истите ќе служат како центри со пристап до потребни информации и дополнителни насоки по основ на правата на припадниците на дијаспората за соодветните постапки пред надлежните институции.

Дополнително, овој договор ќе биде институционална рамка која ќе овозможи користење на методи за мапирање на научна и економска дијаспора за секоја општина посебно, како еден од нашите утврдени приоритетни проекти од големо значење.

Како клучна активност мојот Кабинет наскоро ќе организира и одржи работилница од типот на јакнење на капацитетите за идните определени општински вработени во тие канцеларии, со цел нивно успешно отпочнување со секојдневните работни обврски преку давање услуги, исклучиво наменети за нашите сонародници кои живеат и работат во странство, посебно за време на нивниот престој во татковината.

Во понатамошните планови, воедно со предвиденото започнување на активностите на канцелариите ќе отпочне и идниот меѓуинституционален партиципативен процес во кој покрај Кабинетот и општините ќе биде вклучено и Министерството за информатичко општество и администрација со цел заедничко координирано, ефикасно и ефективно функционирање на овие центри, заради задоволување на суштинските потреби на нашата дијаспора во новата ера на дигитализација.

Верувам дека со активно превземање на потребните чекори за спроведување на овие договори во пракса, во блиска иднина ваквиот вид на соработка ќе покаже видни резултати на едно завидно ниво со можност да прерасне во униформен функционален систем на работење и меѓу институционална соработка во интерес на дијаспората“, истакна министерот задолжен за дијаспора во Владата на Република Северна Македонија, д-р. Џемаил Чупи.

Во продолжение интегралното обраќање на министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити.

„На оваа прес-конференција, со задоволство можам да се изјаснам пред вас за една ваква иницијатива, во соработка меѓу Министерството за дијаспора и Министерството за информатичко општество и администрација, за отворање Центри на дијаспората, кои ќе служат како поврзувачки мост меѓу нашите граѓани во дијаспората и институциите кои ќе го олеснат и овозможат остварувањето на нивните права и олеснување на нивните процедури.

Врз основа на големиот број граѓани во дијаспората, без да го заборавам нивниот придонес за унапредување и економски развој, потенцирам дека овој проект е многу важен во исполнувањето на благосостојбата и услугите на дијаспората, како и во развојот на интеракција со бизнис заедницата во Република Северна Македонија.

Дозволете ми да кажам дека како министер за информатичко општество и администрација, со задоволство ја поддржуваме оваа соработка, преку обезбедување услуги и дигитални уреди како и преку поддршка на администрацијата која ќе биде ангажирана за давање услуги на дијаспората.

Сметаме дека тоа позитивно ќе се одрази со отворање врати за помош, поддршка и забрзување на процедурите за граѓаните кои живеат во странство, како и услови за привлекување странски инвеститори.

Посакувам овој проект да се реализира успешно, додека се надевам дека во иднина ќе продолжи многу да се шири продирајќи во секое место и да се исполнува секоја потреба на граѓаните во дијаспората.

Нашите напори ќе продолжат да обезбедуваме што е можно повеќе услуги и информации, надминувајќи ги тешкотиите и пречките за пристап до нив. Нагласувам дека како министер и како Министерство за информатичко општество и администрација ја изразуваме нашата подготвеност и целосна волја да помогнеме и да ги поддржиме сите институции во ваквите иницијативи кои не доближуваат чекор поблиску до граѓаните", заклучи министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити.