Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод Денот на наставата на турски јазик во организација на Турската Демократска Партија.
Премиерот Ковачевски во своето обраќање посочи дека Владата работи на реформи коишто треба да осигураат европски квалитет на живот подеднакво за сите граѓани во нашата држава.
Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
„Благодарам на поканата за денеска, овде, заеднички да го одбележиме 21 декември, Денот на наставата на турски јазик во Република Северна Македонија.
Јас сум и професор и целосно ќе се согласам со првиот турски претседател, голем државник и револуционер, Мустафа Кемал Ататурк, кој инаку, убава прилика е ова, да се потсетиме дека го завршил средното училиште токму во нашата Битола.
Врховен водич во животот е знаењето, констатирал Ататурк, согледувајки дека наставниците учествуваат во спасувањето на нациите.
Тоа е така затоа што во образованието се и историјата и сегашноста и иднината на една држава, коишто низ наставниот процес, уште од најраната возраст, ги пренесуваме на нашите деца.
Можноста за образование на мајчиниот јазик е граѓанско право и ние како мултиетничка демократија го загарантиравме со Уставот и тоа важи и за граѓаните од турската заедница во земјава. Но, таа е и одраз на меѓусебната почит, како основа во изградбата на секое здраво и стабилно оштество - Едно општество за сите, во што заедно, одлучивме и ја развиваме и градиме Република Северена Македонија.
Овој поглед бил јасен уште за нашите претходници, кога на ова тло, во 1944-та година, во О.У. Тефејуз во Скопје, било овозможено да продолжи наставата на турски јазик, на новата турска латинска азбука.
Од 2007 година, Денот на наставата на турски јазик е и државен празник за граѓаните од турската заедница во земјава, за што се заложија тогашните пратеници од нашиот коалициски партнер, Турската Демократска Партија и ДПТ ја имаше, ја има и ќе ја има и понатаму нашата поддршка во унапредувањето на правата на турската заедница во земјава.
Нашите сограѓани Турци се чесни и вредни граѓани и луѓе еснафи, кои ја почитуваат традицијата. И турската култура е една од коцките во мозаикот на различности и на вредното културно-историско наследство на Република Северна Македонија, што го негуваме како бесценето богаство.
Но, граѓаните Турци се и пример за лојални граѓани на Република Северна Македонија, кои застануваат во одбрана на државните и стратешките интереси - секогаш кога е тоа потребно.
И денес заеднички настапуваме во заложбите за современа, економски развиена, евроатлатска Република Северна Македонија, дел од прогресивниот демократски свет.
Денес, заедно и со нашиот коалициски партнер, Турската Демократска Партија, којашто е дел од Владата, водиме заеднички битки, со современи средства - на дијалошките маси.
И како што успеавме во заложбите Република Северна Македонија да стане 30-та полноправна членка на НАТО - убеден сум дека можеме да успееме, до 2030-та година Република Северна Македонија да стане и полноправна членка на Европската Унија.
Во меѓувреме, работиме на реформите, коишто треба да осигураат европски квалитет на живот тука - дома и на справувањето со актуелните предизвици од глобален контекст.
Со нашиот традиционален партнер, Република Турција, којашто е наш пријател уште од осамостојувањето на државата, имаме развиено одлична економска соработка, Турција е еден од најголемите трговски партнери на Северна Македонија, наша заедничка заложба е обемот на билатералната трговија да се зголеми на една милијарда долари, а во земјава има и значителен број на турски инвеститори.
Мостовите за соработка што ги градиме, дома, во регионот и во светот се нашиот пат напред, кон европска и економски развиена Република Северна Македонија.
Ќе се навратам на Ататурк кој рекол дека мирот дома е мир во државата, а мирот во државата е мир во светот.
Остануваме посветени на оваа врвна цивилизациска придобивка.
Република Северна Македонија е пример за успешна мултиетничка функционална демократија - Европа во мало, пример во регионот и во Европа и со нови примери ќе продолжиме да го мотивираме заедништвото, бидејки еден може многу, но заедно можеме повеќе.
Уште еднаш, на сите сограѓани од заедницата на Турците во Република Северна Македонија, го честитам празникот - Ден на наставата на турски јазик“.