Ковачевски од Куманово: Грижата за пензионерите и за најранливите е секогаш наш приоритет

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска беше во посета на здружението на пензионери во Куманово. На средбата со членовите на здружението, се разговараше за политиките и мерките на Владата за пензионерите, за предлози и прашањата што се од интерес за пензионерите.

Премиерот Ковачевски на состанокот потенцираше дека грижата за пензионерите, за најранливите секогаш ќе биде приоритет на Владата, и дека никој нема да биде оставен сам да се справува со кризата.

Притоа, премиерот Ковачевски посочи дека со пакетот антикризни мерки се обезбедува директна финансиска помош од вкупно 6.000 денари за пензионерите коишто земаат до 11.525 денари пензија, а воедно директна финансиска помош од 3.000 денари за пензионери коишто имаат пензија од 11.525 до 14.000 денари. На средбата премиерот Ковачевски ги информираше пензионерите дека со новата методологија, наредната година следува уште едно покачување на пензиите, со што за 12 месеци, пензионерите ќе имаат поголеми пензии за 16%. Согласно новата методологија, пензиите годинава се покачени два пати, во септември за 6,8 отсто и претходно во март за 2,9 проценти.

Од здружението на пензионери од Куманово, го информираа премиерот за нивните предлози и потреби, и ги поздравија владините мерки особено за оние коишто имаат најниски пензии, потенцирајќи дека оваа помош е од големо значење за нив во ова време на економско-енергетска криза.