Кралев: Загарантирана сигурноста на тестовите за државната матура
Државната матура ќе помине непречено, а тестовите ќе бидат заштитени од пробивање, тврди министерот за образование и наука Панче Кралев еден месец пред полагањето државна матура во 2011/2012.
- Државниот испитен центар е во координација со сите училишта во Македонија за дистрибуција на материјалите. Сигурноста на тестовите е загарантирана максимално, како и секоја година. Верувам дека државната матура ќе помине непречено и дека ќе ги даде реалните резултати, изјави Кралев по посетата на училиштето за деца со оштетен вид „Димитар Влахов“.
Заради дополнителна заштита на тестовите, тие во 95 отсто од училиштата ќе бидат доставени истиот ден кога ќе се полагаат испитите.
- Ќе биде организирана покомплексна логистичка операција од аспект на тоа да бидат дистрибуирани краток период пред почетокот на полагањето, додаде Кралев.
На 9 јуни ќе се полага испитот по првиот, задолжителен предмет (мајчин јазик и литература), а полагањето на вториот предмет (избор од математика, странски јазик, естетика или филозофија) е закажано за 12 јуни.