Од прес-конференцијата на портпаролите на Владата и соработникот Андонов: Во 2022 година обезбедивме основни услови за полесно справување со кризата, има навремено снабдување со струја, нема ценовен шок, нема рестрикции, има парно греење

Денеска во Медија центарот на Владата на Република Северна Македонија се одржа прес-конференција на којашто портпаролите на Владата, Душко Арсовски и Муамет Хоџа и соработникот за енергетика, Виктор Андонов презентираа информации во врска со мерките и политиките за полесно справување со енергетската криза од почетокот на грејната сезона до денес, со посебен фокус на енергетиката, реализацијата на планираното производство на електрична енергија за оваа година којашто изминува и за плановите за наредната година и одлуки од владината седница.

Андонов рече дека од почетокот на грејната сезона енергетската транспарентност е на највисоко ниво, редовно се објавува енергетски биланс на кој има податоци за домашното производство на електрична енергија и се информира јавноста за мерките што се преземаат во врска со справување со енергетската криза. Тој додаде дека одлуките што ги носеше Владата во текот на годината што изминува секогаш беа во интерес на граѓаните, да се намалат ризиците од ценовен шок.

„Од почетокот на кризата, државата ја субвенционира цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи преку државните субвенции, односно средствата што Владата редовно му ги префрла на ЕСМ за да ја обезбеди неговата ликвидност. Тоа значи дека без средствата кои се префрлаат на ЕСМ, сметките на граѓаните во изминатиот период од годината ќе беа повисоки за околу 73%, како што е веќе прикажано и на самите сметки. Секој граѓанин сега може да ја види пресметката на својата сметка за струја колкав износ би требало да плати доколку не постои оваа државна субвенција. Оваа пресметка е во насока на зголемување на активната транспарентност, за да имаат предвид граѓаните за движењата на цените на електричната енергија, да бидат повнимателни и да ја штедат електричната енергија.

За 2022 и 2021 година Владата на ЕСМ за електрична енергија му префрлила околу 252 милиони евра.

Исто така, важна работа беше да се обезбеди и топлинска енергија за најголемиот град во Македонија, Скопје, откако градските власти не се нафатија да го менаџираат овој важен процес. Владата веднаш го задолжи ЕСМ да го преземе управувањето со целиот процес и од тој момент, немало ниту еден ден, граѓаните да останат без топлинска енергија.

За 2022 и 2021 година Владата на ЕСМ за топлинска енергија му префрлила околу 37 милиони евра“, рече Андонов.

Во однос на мерките што ги донесе Владата за поддршка на компании од прехранбената индустрија, јавно комунални претпријатија и основни и средни училишта на кои им се обезбеди поевтина струја по фиксна цена, Андонов наведе дека од 01.01.2023 ЕСМ Продажба ќе снабдува вкупно 374 јавни основни и средни училишта (65 училишта плус, во споредба со декември), 244 фирми од прехранбена индустрија (57 фирми плус, во споредба со декември), 57 водостопанско и комунално претпријатие (6 претпријатија плус, во споредба со декември).

Андонов додаде дека штедењето на електричната енергија е најважна алка за полесно справување со кризата и за стабилноста на енергетскиот систем во државата одговорноста е заедничка, државата да носи соодветни политики, енергетските компании да ги менаџираат процесите, граѓаните, компаниите и државните институции да штедат електрична енергија.

„Една од клучните политики за справување со кризата, беше задолжението што Владата му го даде на ЕСМ, за зголемување на домашното производство на електрична енергија за повеќе од 20%. Производството на електрична енергија од ЕСМ и ТЕЦ Неготино за 2022 заклучно со 26.12.2022 е 4.068 GWh, додека за истиот период во 2021 година произведени се 3.227 GWh што е зголемување за 26,4% и е согласно задолженијата од Владата. Планот за производство од ЕСМ и ТЕЦ Неготино до 26 декември е реализиран со околу 93%, додека само од капацитетите на ЕСМ е реализиран со околу 97%.За 2023 година ЕСМ во својот план за производство предвидува да произведе вкупно 5.044 GWh електрична енергија, што е за околу 20% зголемување во споредба со 2022 година“, додаде Андонов.

Во однос на енергетскиот биланс за 28.12.2022, Андонов рече дека производството на електрична енергија, во текот на вчерашниот ден изнесува 16.305 мегават часови, од кои 8.071 мегаватчасови електрична енергија се произведени во термоелектраните, а од обновливи извори на енергија произведени се 8.234 мегаватчасови на електрична енергија, набавени се вкупно 2.940 мегаватчасови на електрична енергија, за потребите на болниците, училиштата, капацитети од прехранбената индустрија, јавно комунални претпријатија и други.

На крајот од своето обраќање, Андонов истакна дека сите овие мерки имаат за цел да ја одржат ценовната стабилност и затоа и на крајот од годината, Регулаторната комисија за енергетика презентираше таква одлука, за најголемиот дел од граѓаните нема да има зголемување на цената на струјата и покрај зголемувањето на ДДВ-то од 5% на 10%, а за 70.000 мали фирми има намалување на цената на струјата од околу 20%.

„Со ова може да констатираме дека во 2022 година ги обезбедивме основните услови за полесно надминување на кризата, за граѓаните и компаниите имаме навремено снабдување со струја, нема ценовен шок, нема рестрикции, има парно греење, обезбедена е диверзификација во снабдувањето со гас“, рече Виктор Андонов, соработник за енергетика на прес-конференцијата во Владата на Република Северна Македонија.

На прес-конференција портпаролите информираа за неколку одлуки на Владата. Едната во врска со Предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица. „Со него, наместо сегашните максимални 1800 денари поврат на дел од ДДВ за едно тромесечие,  највисокиот дозволен износ којшто може да се врати на едно физичко лице се зголемува на 2100 денари. Оваа измена практично донесува повеќе пари назад кај граѓаните“, информираше, меѓу другото, портпаролот Арсовски.

Во насока на приближување на дигиталните технологии кон бизнисите, граѓаните и јавната администрација, Владата на Република Северна Македонија и Европската Унија во рамки на програмата Дигитална Европа за периодот 2021-2027 година ќе потпишат меѓународна спогодба. За таа цел на Владата го усвои текстот на овој документ. Портпаролот Хоџа информираше дека Програмата ДИГИТАЛ располага со вкупен буџет од 7,5 милијарди евра за периодот 2021-2027 година, а има за цел да го забрза економското закрепнување и да ја обликува дигиталната трансформација на европското општество и економија, носејќи придобивки за сите, но особено за малите и средни претпријатија.