Државен натпревар за најдобар бизнис-план од средните училишта

На Машинскиот факултет во Скопје денеска се одржува финалниот Државен натпревар за најдобар бизнис-план од средните училишта, на кој своите иновации ги презентираат екипи од 39 училишта од 15 градови од Македонија.

На најдобрите три ќе им бидат врачени награди на свечена церемонија на 30 мај по повод Европскиот ден на претприемачот, која ќе се одржи под покровителство на премиерот Никола Груевски.

Иновативните средношколци денеска ги поздрави министерот за образование и наука Панче Кралев и рече дека награди ќе има за три екипи, но дека сите учесници се однапред наградени зашто се двигатели на развојот.

Тој го нагласи значењето на претприемачката едукација на младите, што е приоритет на Владата и на МОН зашто во средното образование од годинава е воведен предмет „Иновации и претпримеништво“, а од септември 2013 тој предмет ќе го имаат и основците во осмо и деветто одделение.

- Покрај развојот на своите бизниси, претприемачите креираат и нови работни места, а со тоа играат важна улога во економската и општествената благосостојба. Светската криза во изминатите две-три години уште повеќе ја нагласи потребата за развој на што поширока и поцврста база на европски претприемачи, истакна Кралев на отворањето на натпреварот.

Настанот е поддржан од Амбасадата на Австрија, чија влада во 2006 финансиски го поддржа формирањето на првиот центар за развој на нови бизниси на РМ.

Австрискиот амбасадор Михаел Бајер истакна дека во услови на финансиска криза во Европа најголема предност имаат свежите бизнис-идеи и оти тогаш иновациите се исклучително важни.

- Индивидуалците и малите и средните претпријатија имаат голема предност во вакви услови зашто се флексибилни и полесно се прилагодуваат на промените на пазарот, што е тешко за големите фирми, рече Бајер.

Деканот на  Машинскиот факултет  Атанас Кочов рече дека големиот број на екипи што учествуваат на натпреварот покажува дека Македонија има потенцијал од млад кадар кој размислува иновативно.

- Не постои луда идеја, не постои лудо прашање, туку се што ќе се смисли треба да се стави на хартија и да се анализира и тоа треба да биде поттик да се работи, размислува и да се инвестира, рече Кочов.