Министерот Кралев во посета на општина Струмица

Министерот за образование и наука Панче Кралев денеска во Струмица ги посети основните училишта „Сандо Масев”, “Димитар Влахов”, како и Универзитетот „Гоце Делчев”, при што директно се запозна со актуелните состојби и проблеми во овие образовни институции.

Министерот за образование и наука Панче Кралев изјави дека посетата на општините во Република Македонија е негова редовна активност и можност непосредно да се запознае со актуелностите во образованието, посебно во делот на надминување на инфраструктурните проблеми и решавање на барањата од образовните институции.

- Согласно потребите на општина Струмица и Програмата на Министерството во делот на инвестирање во инфраструктурата во делот од заемот од Банката на Советот на ЕУ ќе биде извршена реконструкција во основните училишта „Сандо Масев”, „Гоце Делчев”, „Маршал Тито” и „Герас Цунев”, каде ќе се извршат реконструкции на покривите,подовите и системите за загравање, со што ќе се подобрат условите за образование, рече Кралев.
Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев изјави дека посетата на министерот за образование и наука Панче Кралев е убава можност за продлабочување на заедничката соработка меѓу двете институции кои се директно одговори за најзначајната активност во државата, образование на идните генерации.
- Општина Струмица вложува максимални напори и средства во образованието, а секоја помош од надлежното Министерство е добредојдена и е од интерес за нашите деца, истакна Заев.

Одговарајќи на прашања од новинарите за решавање на проблемот со превозот на учениците и чија е одговорноста за непрофукционирањето на системот компјутер за секое дете, посебно во руралните општини, Кралев рече дека за проблемот со покривањето на трошоците за превоз на учениците во Битола и во други општини, што не е случај со општина Струмица, Министерството бара начин да биде решен во соработка со ЗЕЛС.

- Се вршат договори и на добар пат сме за конечно решавање во блиска иднина. Што се однесува до проектот „Компјутер за секое дете“ и појавата на оштетувања, надлежен е Државниот инспектор за образование. Идејата за вклучување на секое дете во информатичкото образование останува наша цел и заложба. Во случајот на оштетувањата, последиците ги трпат учениците, а за неодговорните ќе следуваат санкции, одговори Кралев.

Тој вечерва ќе присуствува на отворањето на Меѓународниот семинар за дефектолози, кој под покровителство на Министерството за образование и наука во наредните три дена ќе се одржи во Струмица.