Битиќи: Едно општество не е закана по идентитетот, туку шанса за промоција на исклучителната единственост на секој еден

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес се обрати на отворањето на 11-тата научна меѓународна конференција на тема „Предизвици на идентитетот, културното наследство, одржливиот развој и туризмот, поврзани со новите кризи“, што се одржува во Охрид.

Во продолжение ви го праќаме неговото интегрално обраќање:

„Подготвувајќи се за оваа конференција мислев што да кажам јас денеска додека стојам тука пред вас. Фатмир кој е Албанец во Македонија, студирал во Албанија, се вратил во својата татковина, работел долги години во граѓански сектор на важни општествени теми како помирување, кохезија, развој...

Фатмир кој сите овие важни општествени процеси ги препознал во политичка партија која не е од неговата националност, туку е доминантно македонска партија и кому оваа партија му ја дала довербата да може да служи. А кому, за која кауза? Зарем тоа не е постојано прашањето?

Одговорот за мене е лесен. Да им служам на луѓето, на моите сограѓани, на сите подеднакво. Зарем немаме сите исти потреби, желби и соништа, стравови, среќа и тага? Зар е важно во кој храм ја кажуваш потребата на твојата душа, кога е искрена?

Низ сите мои години живот, борејќи се со сите предрасуди и поделби, со некои од нив и се уште, научив дека против нив не можеш. Затоа што против, еден спроти друг, значи конфликт.

Но научив како може... МОЖЕ ПОКРАЈ!

Покрај предизвиците да гледаме во можност, покрај минатото да се бориме за иднината, покрај различностите да градиме мозаик на заедништво.

Верувам дека во ова време кое ќе го поминете заедно на оваа конференција ќе размените мислења и факти но во сите нив ќе има и емоции, емоции кои секогаш се врзани за идентитетот, вредностите, историјата и минатото кои не одбележуваат.

Но, историјата е добра основа за подобра сегашност и иднина. Историјата која не ја чуваме под стаклено ѕвоно и однадвор ја набљудуваме туку се обидеме да ја разбереме, ни помага да ги увидиме грешките кои сме ги направиле и да ги запознаеме дури и најтемните ќошиња на човечкиот дух и таму да запалиме светло.

Да, ова понекогаш може да биде непријатно и често и да не сакаме да го изговориме гласно, но точно во оваа нелагодност учиме и растеме, точно во оваа нелагодност можеме да ја најдеме колективната моќ за заедничката иднина.

Денешните модерни општества се соочуваат со многу комплексни предизвици кои бараат брза прилагодливост, но и повеќесекторско или интердисциплинарно делување.

Одржливиот економскиот развој, заштитата на животната средина, грижата за човековите права и многу други сегменти не можат успешно да се адресираат само од една страна и еден актер, било да е тоа Владата, граѓанскиот сектор или бизнисите туку бара здружено заедничко делување и партнерски однос.

Кон крајот на минатиот век, светот почна да зборува за нов феномен, оној на глобализацијата. Глобализацијата е третирана од различни перспективи и секој што зборува на оваа тема ја дефинира според сопствената перспектива и на тој начин дава идеи за можните предизвици кои ја придружуваат во културата, економијата, и идентитетот. Но, она што јас го гледам во глобализацијата не е закана од искоренување на јасното ЈАС, туку шанса за соработка меѓу народите, запознавање, толеранција и промоција на исклучителната единственост на секој еден, шанса да се запознаеме, а со тоа и да се почитуваме. Затоа мораме да продолжиме да работиме за нашето едно општество во чија основа е токму тоа, искрена намера да го запознаеме и цениме другиот и да создадеме безбеден простор да е свој и да добие шанса каква што посакуваме и за себе.

Само така вистински ќе го ко-креираме нашето - Едно општество за сите.

Да живееме, работиме, развиваме - блиску, едни покрај други.

Затоа денеска не дојдов со моите политички пораки за Охрид, УНЕСКО, старата скопска чаршија, Шарената џамија, Калето или Аквадуктот...

Дојдов како Фатмир кој верува дека сето тоа ќе го вреднуваме, чуваме и пазиме сите, кога секој од нас ПОКРАЈ почитта која ја гаи кон себе ќе ја гаи и кон секој спроти себе.

Како што верувам во себе, така верувам во сите вас тука, верувам во сите мои сограѓани.

Верувам. Затоа што тоа е мојот идентитет.

Верувам. Затоа што мојата историја тоа ми го потврдила.

Верувам. Затоа што тоа го бара секој развој.

Ви благодарам.“