Доделени првите уверенија за проценувачи на транспортни средства и на недвижен имот

Првите овластени проценувачи  на вредноста на транспортни средства и недвижен имот денеска добија уверенија од Министерството за транспорт и врски, кое го заокружи  процесот за овластување проценувачи согласно Законот за процена.

Уверенија за положен стручен испит за проценувачи од областа на транспортот добија 66 лица, а  за недвижен имот 170. Со положување заклетва пред министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, се обврзаа дека ќе  работат чесно и професионално.

- Со доделување на овие уверенија всушност се овозможува доследно применување на Законот за процена, а со тоа и во пракса се става во правна рамка оваа дејност и се воведува ред во областа на проценувањето, истакна министерот Јанакиески во обраќањето пред проценувачите.

Според него, при вршење процена, овластените проценувачи се должни да се придржуваат кон начелата на законитост, стручност, чесност, непристрасност и независност.

Процена  може да вршат физички лица, односно трговци поединци регистрирани согласно Законот за трговските друштва со соодветна лиценца и друштва за процена, кои се исто така регистрирани, со соодветна лиценца и запишани во регистарот за овластени проценувачи.

Во следниот период, најави Јанакиески, Министерството за транспорт ќе го реализира и процесот на издавање лиценци за правните лица.

- Единствено оние компании кои ќе имаат ваква лиценца и вработени лица кои се овластени проценувачи ќе можат да вршат проценка  на транспортни средства и недвижен имот, нагласи министерот за транспорт.

Во тек е нов оглас за поднесување барање за полагање стручен испит за проценувачи од областа на транспортни средства.