Македонската делегација отпатува на Самитот на НАТО во Чикаго

Македонската делегација отпатува во американскиот град Чикаго, каде што на 20 и на 21 мај се одржува Самитот на НАТО. Делегацијата на Република Македонија на Самитот ќе биде предводена од претседателот Ѓорге Иванов, а во неа се министрите за одбрана и за надворешни работи Фатмир Бесими и Никола Попоски, амбасадорот во мисијата при НАТО Мартин Треневски и амбасадорот во Соединетите Американски Држави Зоран Јолевски.

Во рамките на Самитот, македонската делегација, ќе учествува на состанокот предвиден за членките на НАТО и на земјите - учеснички во мисијата ИСАФ во Авганистан, кој ќе се одржи на 21 мај. Претседателот Иванов ќе има свое обраќање на овој состанок. Истиот ден предвидена е и одделна средба на министерско ниво на Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Грузија со земјите членки на НАТО.

Предвидено е членовите на македонската делегација да имаат голем број средби со претставници на државите - членки на НАТО.

На Самитот му претходеше интензивна активност на македонската дипломатија. Македонскиот државен врв оствари голем број средби со претставници на САД, Германија, Британија, Турција, Словенија, Унгарија, Италија и други држави - членки на НАТО, за да се промовира значењето на македонскиот прием во НАТО. Македонскиот претседател Ѓорге Иванов и премиерот Никола Груевски испратија писма до своите колеги од државите членки на НАТО во кои побараа поддршка македонскиот прием да биде ставен на агендата на Самитот во Чикаго. Пратениците во Собранието на Македонија изгласаа Декларацијата за реафирмирање на реализацијата на стратешката цел за членство на Република Македонија во НАТО. Во Декларацијата се повикува на почитување на принципите на отворени врати на НАТО врз кои се темели Алијансата и исто така се посочува дека земјата ги има исполнето сите критериуми и услови за членство во НАТО. Македонија останува посветена на континуирани реформи и поддршка на мировните операции за обезбедување на светскиот мир и демократијата.

Според генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен, Самитот во Чикаго нема да биде посветен на проширувањето на Алијансата. Во фокусот главно ќе бидат три теми: посветеноста на Алијансата кон мисијата во Авганистан, развивање на концептот на „паметната одбрана“ за соочување со предизвиците на 21 век, и зацврстување на партнерскатата мрежа на НАТО низ светот.

Во Чикаго, лидерите на 28-те земји членки ќе ги стават на маса и предлозите за реално да се оствари определеноста на Алијансата за да се осигура Авганистан никогаш повеќе да не биде база на глобалниот тероризам. Ќе се разговара и за притисокот врз одбранбените буџети, во контекст на финансиската криза на Европа.

Околу 10.000 лица, од кои 2.000 новинари, се очекува да дојдат во Чикаго заради Самитот, велат од Канцеларијата за итни состојби и комуникации на Чикаго. Тајната служба проценува дека до 100.000 демонстранти може да пристигнат во Чикаго, при што полицијата на Чикаго, ФБИ и другите безбедносни служби во САД се во состојба на готовност.

За време на престојот во Чикаго, македонскиот претседател, министрите и другите членови на делегацијата ќе имаат средби и со дијаспората во САД. Во организација на Обединетата македонска дијаспора предвидена е гала вечера на која награди треба да им бидат врачени на словенечкиот премиер Јанез Јанша и на турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу, поради нивниот придонес кон македонските интеграции. Предвидено е македонската делегација да оствари средба и со здружение на етнички Албанци, исселени од Македонија во САД.