Груби: Нема повеќе време, ниту простор за калкулации, или сте за или сте против Европа

Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби денеска учествуваше на годишната владина конференција „2023 година на нови можности за економски развој и европски интеграции".

„Политиката на нашата Влада е храбра и прогресивна, политика на нула проблеми со соседите и целосно регионално и евро-американско партнерство. Додека пак, политиката на страв е политика на уназадување, тоа е политика која одржува статус квота, а кога сите други напредуваат, тие што се заглавени во место, всушност, уназадуваат“, рече меѓу другото првиот вицепремиер Груби во својот говор пред присутните.

Во продолжение целиот говор:

„Почитуван премиер,

Почитувани министри, амбасадори, граѓански сектор, новинари,

Почитувани граѓани,

Пред една година реков дека клучен збор на првите 100 дена од нашата Влада е стабилноста.

Премиерот веќе кажа се останато и не сакам да се повторувам, но сакам да искажам некои политички позиции во однос на општествените актуелности.

Бевме реизбрани по неуспешниот обид во Собранието да се спречи почетокот на преговорите со Европската Унија со мотиви да се втурне нашата земја во непредвидливост.

Не дозволивме инсталирање на парламентарно мнозинство зависно од Москва кое ќе избира марионетска Влада на услуга на некој друг, а не на граѓаните.

Овие напори не престанаа. Ваквите закани се секојдневие на нашата власт, но тоа не не обесхрабрува.  Напротив, уште повеќе не зајакнува да го реализираме она што им го ветивме на граѓаните, еднаквост, развој, интеграција, мир, безбедност и стабилност.

Покрај декларацијата за независност и Уставот, нашата земја има три основни документи кои овозможуваат реализација на нашите програмски определби: Охридскиот мировен договор, Дoговорот од Преспа и Договорот за добрососедство.

 

 

Го заокруживме нормативниот дел од Охридскиот договор и сега неговата имплементација е секојдневие и ни овозможи да имаме рамноправно општество, сведоци сме дека не е донесена маргинализирачка, дискриминаторска одлука и нема никакви пречки во спроведувањето.  Државата покажува лојалност кон заедниците, а заедниците и враќаат со лојалност. Нашата држава не изгуби ништо, ниту од знамето, ниту од јазикот, ниту од општините, ниту од универзитетот, напротив, стана многу посилна и постабилна и овој процес и ја отвори европската перспектива на земјата. И по Охридскиот договор, сонцето повторно изгреа и сме истите, на исто место, но со многу поздраво општество.

Го испочитуваме договорот од Преспа во целост, го променивме Уставот.  Повторно, ништо лошо не се случи со нашата земја. Станавме членки на НАТО, странските инвестиции се зголемија, безбедни сме во овие тешки и непредвидливи времиња. И по Договорот од Преспа, сонцето повторно изгреа и нашата земја остана таму каде што беше, но многу посилна и со повеќе пријатели.

Дури и со Србија го решивме прашањето за автокефалноста на православната црква и повторно ништо лошо не ни се случи.

Договорот за добрососедство го одобривме и во Владата и во Собранието и како резултат на тоа во јули минатата година конечно ги започнавме преговорите за членство во Европската Унија. И после тоа сонцето повторно изгреа, а ние зборуваме на истите јазици што ги зборувавме и пишувавме, се чувствуваме како што сме, без да дозволиме никакво наметнување, но сега како земја која преговара со Брисел.

Почитувани,

Политиката на нашата Влада е храбра и прогресивна, политика на нула проблеми со соседите и целосно регионално и евро-американско партнерство.

Додека, политиката на страв е политика на регресија, таа е политика на одржување на статус кво, а кога сите останати напредуваат, оние кои стојат во место всушност уназадуваат.

Наметнувачките политики од страна на опозицијата, стравот од Албанците, беа демантирани со Охридскиот договор. Ништо лошо не ѝ се случи на земјата, стравот од Грците, повторно ништо лошо не и се случи на државата, негирањето на Договорот од Преспа, но исто така и Договорот за добрососедство ништо лошо не и направи на државата. Моите сограѓани го зборуваат македонскиот јазик веќе познат во Брисел.

Тие што инсталираат политики на страв кон своите граѓани и се претставуваат како квазипатриоти сакаат само власт и да ја држат државата изолирана од западниот свет измислувајќи непостоечки страв за да ги исплашат граѓаните и да ја задржат власта како спасители на измислен проблем.

Изгубивме десет години од нашите животи со овие апсурдни политики на страв.

Денес тие што инсталираат непознати стравови, им кажуваат на меѓународните претставници дека ќе го промениме Уставот откако ќе ја добиеме власта и ќе ги имаме методите, но ни треба моќта.

Добро е што тоа го знаат и нивните сопартијци. Нивните најблиски ги имаат за моќ, не за патриотизам.

Затоа, во клучните моменти, кога целиот регион се користи како полигон за влијание, ние како прогресивно мнозинство ги предизвикуваме сите за Европска алијанса.

Овој е единствениот пат за проекти, автопати, железници, депонии, училишта, болници, градинки, подобар стандард на живеење, за владеење на правото, за борба против корупцијата и организираниот криминал, за чистење на нашите општествени редови и јавноста од монтерите на стравот и директните и индиректните пречки на европскиот пат.

Дојдете сите, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, политички партии, граѓанско општество, медиуми, креатори на јавното мислење, академски свет и граѓани, дојдете на првата линија на европско- македонскиот фронт.

Нема повеќе време и простор за калкулации и измами, или сте за Европа или сте против, нема простор за средна зона, бидејќи нема друга алтернатива“.