Во „Васил Антевски - Дрен“ се одржаа државните училишни натпревари од областа на сообраќајот

Во средното економско училиште „Васил Антевски - Дрен“ денеска се одржаа традиционалните натпревари „Детски семафор“ и „Сообраќајно техничка култура на младите“.

Натпреварите ги организира Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со поддршка од Министерството за внатрешни работи и Министерството за образование и наука.

- Колку и да се квалитетни законите и правилата, доколку не ги познаваме и применуваме, тие ќе останат обични букви на хартија. Оваа ваша и наша традиционална, манифестација „Детски семафор“ и „Сообраќајно техничка култура на младите“ има токму таква цел – почитувањето на нормите да стане дел од секојдневното поведение, особено кај младата популација, истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која присуствуваше на денешните натпревари.

Таа потенцираше дека со својата традиционална масовност и квалитет овие натпревари покажуваат дека треба да се продолжи по тој пат, затоа што само преку подигањето на јавната свест, особено кај најмладата популација, би можело заеднички да се дојде до посакуваната цел, односно до бројка нула - деца жртви во сообраќајот.

- Свесни сме дека таа задача е тешка и макотрпна, но секој чекор во таа насока значи и огромен успех. Министерството за внатрешни работи е верно и доследно во спроведувањето на таа мисија, не само заради тоа што безбедноста во сообраќајот е дел од нашите постојани работни обврски и задачи, туку и заради тоа што нема ништо повозвишено од трудот и активностите насочени кон поголема безбедност на граѓаните, а особено на децата, рече Јанкулоска.

Според претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Никола Ангеловски, учениците кои учествуваат на натпреварите треба да бидат пример за сите, пример за совесност и внимателност, за вештина и прочитување на сообрачајно техничката култура.

„Детски семафор“ и „Сообраќајно техничка култура на младите“ се одржуваат четири децении по ред.