Средба Грковска - Ширеј: Потребна е коалиција на демократските сили за справување со предизвиците на денешницата

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во рамките на работната посета на Вашингтон, САД, денеска оствари средба со Семи Ширеј, постар лидер на Самитот за демократија, со кој разговараа за потребата од заеднички и организиран пристап на демократските земји во светот во справувањето со авторитарните режими, како и во борбата против корупцијата и владеењето на правото.

На средбата, меѓу другото се разговараше и за активностите на двете страни кои се преземаат во врска со претстојниот Самит за демократија и заедничките области кои се од висок интерес како за Кабинетот така и за целите на Самитот.

Имено, Самитот за демократија е глобален настан, кој се одржува под покровителство на претседателот на САД, Џо Бајден, а кој ги покрива најголемите светски предизвици како антикорупција, демократија, транспарентност и медиуми и граѓанско општество.

Вицепремиерката Грковска истакна дека токму овие прашања, како и имплементацијата на принципите за добро владеење се главните столбови на работа на нејзиниот Кабинет за политики за добро владеење.

Дополнително, Вицепремиерката Грковска информираше и за двете регионални иницијативи кои се планирани за претстојниот период во организација на Кабинетот за добро владеење и се наоѓаат во подготвителна фаза, а се соодветствуваат со темите кои ќе бидат важен приоритет на претстојниот Самит за демократија.

Двете соговорнички се согласија дека Самитот за демократија, но и ваквите иницијативи кои се фокусираат на борбата против корупцијата, доброто владеење, како и владеењето на правото се важни за подигнување на свеста кај сите, кај носителите на функции, но и кај граѓаните.