Од 130-та владина седница: Прогласен е ден на жалост за жртвите во катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија

Владата на Република Севeрна Македонија ја одржа 130-та седница.

Владата донесе одлука со којашто утрешниот ден, 13-ти февруари, понеделник, е прогласен за Ден на жалост на Република Северна Македонија.

Одлуката е донесена како израз на солидарност и почит за големиот број загубени човечки животи предизвикани од катастрофалниот земјотрес што се случи во Република Турција и во Арапската Република Сирија, на 6-ти февруари 2023 година.

За време на утрешниот Ден на жалост, знамето на Република Северна Македонија, ќе биде истакнато на половина копје, во нашата држава и пред дипломатско-конзуларните претставништва во странство.

На почетокот на владината седница беше оддадена почит за жртвите во катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија.

Владата на Република Северна Македонија изразува длабоко сочувство за загубите, до целиот турски народ и до блиските на настраданите во земјотресот во Турција и Сирија.