Промовиран петтиот том од „Толковниот речник на македонски јазик“

Петтиот том од „Толковниот речник на македонски јазик“, капитално дело на 620 страници кое се вбројува во врвните достигнувања на македонската лингивстика, е промовиран денеска во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Печатењето на ова дело е финансирано од Министерството за култура.

Оваа публикација, рече во обраќањето пред присутните министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, е од највисок национален интерес и несомнено пополнува една голема празнина во македонската лексикографија.

- Јазичното богатство вметнато меѓу кориците на овој и претходните томови на Македонскиот толковен речник ја носи информацијата, доказот, фактите, покажува колку е единствен и поинаков нашиот јазик од другите, колку е убав и богат, но исто така посочува и кои се туѓите нишки што се испреплетуваат во нашиот јазик и го дополнуваат неговото богатство, истакна Канческа-Милевска.

Таа посочи дека во сите томови на Македонскиот токловен речник се согледува континуитетот во реализацијата на овој проект и цврстите заложби на тимот од Институтот за македонски јазик, но и на експертите од другите институции за изработка на квалитетен научен труд.

- За успешно завршената работа говорат позитивните критики објавени во изминатиот период во странските списанија. Трајните вредности и нивното негување се приоритет на Министерството за култура. Убедена сум дека наскоро ќе го добиеме и последниот том од Македонскиот толковен речник со што ќе биде заокружен овој обемен и особено значаен проект, рече Канческа-Милевска.

Таа го заврши обраќањето со големата мисла на Петре М.Андреевски, кој велеше „без јазикот ќе си недостигаме самите на себе, оти само јазикот никогаш не не оставил сами и тој памети многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме“. Токму овие зборови, додаде министерката Канческа-Милевска, нека бидат поука за сите нас, да го негуваме нашиот јазик како наша најголема придобивка и бесценето богатство.

Директорот на Институтот за македонски јазик, проф.д-р Веселинка Лаброска посочи дека одбележуваат уште еден успех на вработените во Институтот кои, како што рече, работат на девет проекти, а еден од најзначајните е „Толковниот речник на македонски јазик“.

- Без финансиска поддршка од Министерството за култура повеќето проекти во Инстутот ќе останеа нереализирани. Досега освен финансирање на издавачката дејност, реализирани се и 12 едногодишни проекти, а во фаза на реализација се уште 10 проекти кои се поддржани од Министерството за култура, додаде Лаброска.

Деканот на Филолошкиот факултет проф.д-р Максим Каранфиловски, кој е еден од промоторите на публикацијата истакна дека овој проект е најубавиот подарок што може да си го подари Институтот за својот претстоен јубилеј 60 години од основањето.

- Најважно од се е дека нашиот народ добива едно значајно дело, а него го добиваат истовремено и македонистите и славистите низ целиот свет. Македонските мисли преку македонските зборови преку толкувањата на нивното значење со други македонски зборови, значи со средства од сопствениот јазик, стануваат достапни, објаснети и јасни за секој корисник, љубител на македонскиот збор и македонското лексичко богатство, рече Каранфиловски.

Промоторот, проф.д-р Димитар Пандев од Филолошкиот факултет, рече дека „Толковниот речник на македонски јазик“ има беспрекорна историска поддршка во македонистиката и претставува перспективна поддршка за натамошните проучување во сите сфери на општеството, културата и науката.

Речникот, посочи тој, не е само индекс кон граматиката која обично ја разбираат само поупатените во модерната лингвистика.

- Во него се вградени достигнувањата во сите лингвистички дисциплини и интердисциплинарни науки. Речникот дава придонес за функционалната граматика, ги опфаќа стилските вредности на службените зборови, вклучува правописни прашања и дава придонес за лингвистичката граматика, нагласи Пандев.