Конференција за подобрување на условите за домување на Ромите-инфраструктурата главен приоритет

Во Владата на Република Македонија денеска се одржува конференција за подобрување на условите за домување на Ромите, која претставува можност за размена на ставови меѓу релевантните национални заинтересирани страни од земјите-учеснички.

Се очекува конференцијата да придонесе за натамошно стекнување соодветни политики и добри практики, како предуслов за ефективна имплементација на Националниот акциски план за Роми, како и за постигнување успех на полето на социјално вклучување и интеграција на Ромите.

- Ова е една од последните сесии на нашето претседателство која е на тема „Домување и инфраструктура“, најранливите страни од декадните содржини. Дванаесетте земји-членки на Декадата на Ромите денеска и утре ќе расправаат за постигнатите резултати, односно за можностите како понатаму да се подобри животниот стандард на Ромите во овие области во целиот регион, рече министерот без ресор и национален координатор на Декадата на вклучување на Ромите, Неждет Мустафа.

Информиравме дека овој децениски проблем во Македонија, нагласи, Владата се обиде да го решава со Законот за легализација, каде е постигната можност да се променат и деталните урбанистички планови на локалните самоуправи.

- Можноста за плаќање само по едно евро за метар квадратен од Законот за легализација на дивоградбите придонесе со ромските невладини организации да им се помогне на ромските семејства во комплетирање на документацијата, а со тоа и се отвори можност преку Декадата на Ромите да навлеземе во проблемот со буџетските ставки кои ги имаме за да ги подобриме животните услови на оваа популација, додаде Мустафа.

Во областа на поделба на социјални станови, истакна, дека досега се поделени 68 станови на социјално ранливи ромски семејства. Овие четири години, информираше Мустафа, нема град каде не се учествувало во подобрување на инфраструктурата и оваа пракса ќе продолжи и натаму.

Заменик-министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими рече дека посебно внимание се обрнува на делот домување на Ромите, каде Владата интензивно го решава проблемот со пренаселеност во домовите и ризикот од загуба на станарскиот статус.

- Министерството за труд и социјална политика постојано работи кон подобрување на сите услови за живеење на ромската заедница, додаде Ибрахими.

Конференцијата е во организација на Министерството за труд и социјална политика, Министерството за транспорт и врски и Министерот без ресор како национален координатор на Декадата на вклучување на Ромите и  се одржува во рамки на Претседателството на Владата со Декадата на вклучување на Ромите.