Одговор на премиерот Никола Груевски на писмото од пратеничката група на СДСМ

Почитувани,

Со должно внимание ја прочитав вашата реакција по повод моето интервју за Македонската информативна агенција, и внимателно и со почит кон вашите позиции внимавав на секој детаљ од вашето писмо. Дозволете најпрво да се заблагодарам на реакцијата и на оваа можност да разјасниме и меѓусебно, но и за пошироката јавност, одредени позиции, околу кои очигледно имаме различни видувања и ставови.

Исто така дозволете ми да појаснам на самиот почеток дека една ваква реакција од ваша страна воопшто не ме изненади и беше целосно очекувана и тоа токму заедно со тонот со кој е пишувана, а и самите знаете дека е пишувана од една рака, која се крие зад вашите потписи, принцип адекватен на се останато во вашата партија.

Дозволете прво да истакнам дека на самитот на НАТО во Чикаго, уште еднаш беше потврдено дека нашата земја ги има исполнето сите услови и критериуми за членство во Алијансата, и со тоа директно самиот НАТО ги демантира сите ваши досегашни обвинувања дека ние не работиме за евроатланската интеграција, исто како што тоа за првпат го направи во април 2008та на Самитот во Букурешт. Нешто што за волја на вистината вие како политичка гарнитура кога ја имавте довербата од народот не сакавте, или не успеавте да ги исполните условите, кои ние по доаѓањето на власт во рок од една и пол година ги исполнивме сите.

Сакам да потенцирам дека ова достигнување е дело на сите граѓани на Република Македонија и во оваа прилика би сакал на сите граѓани да им се заблагодарам за целокупната подршка која ја даваат на нашите напори за остварување на оваа стратешка определба.

Иако ги имаме исполнето сите услови и критериуми за членство, и иако активно, посветено и бескомпромисно придонесуваме во мисиите на Алијансата, Република Македонија, за жал не доби покана за полноправно членство во НАТО.

Уште еднаш би сакал да кажам дека овој епилог е непосакуван, неправеден и неправичен, но не е неочекуван или пак изненадувачки, исто како што и вашата реакција беше очекувана за мене. Сите ние заедно, сме свесни и добро знаеме дека единствената причина за нашето попречување за остварување на нашите легитимни и легални аспирации, е противењето на нашиот јужен сосед, кој уште пред 21 година создаде проблем и отвори прашање околу уставното име на нашата земја, и спори и ни наметнува откажување од нашиот македонски идентитет, не престанува со тие обиди, и нема ниту волја ниту желба да пристапи кон посветено и конструктивно надминување на овој предизвик кој стои помеѓу нашите две земји, и двете земји ги оптоварува и им одзема енергија.

Сакам да истакнам, и тоа треба да ви биде јасно и разбирливо, дека она што зависеше од нас, она што е легално и легитимно, базирано на цивилизациските вредности и придобивки, и што е зацртано како прифатлив стандард кој требаше да го исполниме - го направивме, а оваа Влада која ја предводам беше лидер во остварувањето на стандардите кои ги бараше НАТО од нас. Се што има предвидено Алијансата да важи за сите аспиранти за членство, како услови за станување член на семејството на евроатланстаката заедница е остварено, јасно и прецизно. Едноставно, она што нас не попречува да станеме членка на НАТО, не важело, не важи, и неможе и нема да важи ниту за еден аспирант за идно членство, и никој од нас, вклучително и Владата, нема одговорност за таквото наметнато прашање кое е сензибилно и кое сум длабоко убеден не може да се реши од позиција на сила и наметнување, како што некој се обидува да ни наметне.

Во овие мигови на голема неправда, која силно ги погодува чувствата на сите нас, на сите граѓани на Република Македонија, и покрај вашите реакции кои по мене се крајно непотребни и бесцелни и не придонесуваат за интересот на нашата земја, апелирам до сите граѓани да останат спокојни и да не потклекнат на наметнатата отворена девалвација од Грција и на не по наша вина создадената фрустрација. Граѓаните треба да не дозволат оваа неетичка злоупотреба на позицијата која ја има нашиот јужен сосед и класична демонстрација на неконструктивно однесување, кое е во спротивност со основните начела на НАТО Алијансата-еднаквоста, слободата и владеењето на правото, на меѓународното право, да ги совлада, потишти или пак да им ги помати перцепциите и приоритетите.

Карактерот се гради во мигови на големо искушение, а успехот е заслужен и е повреден кога е остварен во, и по моменти, на големи предизвици, и кога е базиран на вредностите во кои отсекогаш и секогаш ќе веруваме, залагаме и ќе се бориме да ги оствариме, и од кои нема да отстапиме и нема да одиме спротивно од нив, како што јужниот сосед прави. Ако со неправда сме попречени да го добиеме она што самите сме го заслужиле и одработиле, тоа не е и никако не смее да биде наша сопствена вина или пак одговорност. Ова се такви мигови, на предизвици, од кои веруваме и убеден сум, дека сите ние, Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и останатите заедници кои живеат во нашата држава, ќе излеземе уште посилни, и тоа мора да го направиме и ќе го направиме. Обединети, сплотени, рационални, посветени, енергични, мудри и смирени. Достоинствено и чесно. Со труд и залагање. Ако вие како политичка партија се решите да реагирате на друг начин, кој е неконструктивен, тоа е ваша работа, а граѓаните ќе судат кој бил во право, а кој не бил во право.

 

Почитувани колеги од СДСМ,

Ние не ги носиме одлуките за членство во НАТО, тоа го прават земјите членки на Алијансата. Наше беше да работиме, да спроведуваме реформи и да модернизираме и да придонесуваме кон реализација на заедничките интереси. НАТО јавно призна дека тоа сме го правеле, во нивниот заклучок од Самитот, кој е јавно достапен и може да го видите. А ние тоа го правевме, беспрекорно, целосно, бескомпромисно, силно, мотивирано, со обединети сили. Деноноќно работевме, вложивме енормни напори, средства, ресурси и труд, претрпевме многу самооткажувања, издржавме, нашите мировници смело и храбро ги ризикуваа своите животи за да придонесат и да помогнат на нашите заеднички цели, се во функција на вербата во светската правда. Јас, како премиер на Република Македонија, на кого граѓаните му ја дале довербата да управува со реформите и модернизацијата и со политиките, претседателот на државата, министерот за надворешни работи, за одбрана, за евроинтеграции, целата влада и сите лица на функции и позиции, пратениците, вклучително и вие, остваривме стотици средби за да ги промовираме нашите интереси, да ги објасниме позициите, да ги аргументираме истите тие позиции, да лобираме, да замолуваме, да бараме да се вреднуваат резултатите и достигнувањата, а да се игнорираат неправичните одлуки донесени врз база на посилна позиција, изминавме илјадници километри, не се штедевме и не застанувавме, иако знаевме дека е тешко, и дека за жал, и самите пријатели со кои зборувавме, и кои непосредно ги подржуваа и оправдуваа нашите ставови, ни сугерираа дека повторно ќе бидеме попречени, и тоа не по наша вина, туку заради нечија друга неодговорност.

Сите ние, и јас како премиер, имаме чиста совест, дека во име на граѓаните, во цели во кои сите веруваме, направивме максимум, се што од нас зависеше направивме, и секогаш ќе продолжиме така да правиме.

И Меѓународниот суд на правдата во Хаг, најрелевантното тело за меѓународната правда и право, донесе одлука и зазема ставови дека нашиот јужен сосед нелегално не попречил во членство и дека не би требало да не попречи повторно ако побараме членство. Но, директно прекршување на ставовите на телото кое ги промовира правото и правдата на светско ниво, дојде повторно од земјата која не попречува, и чии политички лидери отворено на состанок одржан под покровителство на нивниот претседател, истакнаа дека тие се за вето, за попречување на нашата земја за членство во НАТО, и дека за да си ја остварат својата цел, треба да ги преземат сите средства, дури и најрадикалните, како што е ветото кое самите тие го истакнаа јавно, и тоа средства и мерки кои се и видливи и помалку видливи.

 

Почитувани претставници на СДСМ,

Сакам да Ве уверам дека Република Македонија има и капацитет и потенцијал да продолжи да остварува резултати и успеси, да реформира и модернизира, да спроведува проекти кои ќе го подобрат секојдневието на секого од нас.

Никој не смее да се сомнева во тоа. Имаме капацитет да работиме и да напредуваме, како што имаме и право да бидеме незадоволни од оваа неправда што ни се случува, и тоа не е прашање на Груевски или Црвенковски, или Георгиевски или Петковски, или Тачи или Ахмети, или на било кој политички лидер или индивидуалец, тоа е наша должност, да се грижиме за интересите на граѓаните и на нашата земја, и одговорно да ја зборуваме вистината.

И оттука, некои реакции на моето интервју за МИА дека било емотивно се нелогични и се критика без јасна цел, која доаѓа од луѓе кои не знаат да разликуваат вистина од емоција.

Во таа смисла, да, нашата реакција е емотивна. Нашата реакција е логична и реална! Што треба да правиме? Да се радуваме? Да ја криеме реалноста и да забошотуваме и замајуваме сопствениот народ?

Да бидеме политиканти од профилот на еден политичар кој ни се промовира на македонската сцена цели 20 години?

Политичари кои климаат со глава и ценат дека пријателствата и партнерствата се прават само со недостоинствен однос? Не! Ние пријателствата и сојузништвата ги градиме со директен и искрен однос и само низ таа призма може да се гледа нашето делување и нашите јавни изјави. Исто како и во животот, пријателства се градат со отворен и искрен однос и кога работите за кои еден смета дека се неправедни, или создаваат фрустрација, треба отворено да се кажат и дискутираат, а не да се ставаат под тепих и премолчуваат, и само на тој начин едно пријателство или сојузништво може да се зацврсти и да се подобри неговиот квалитет. Или напротив, доколку се премолчуваат некои работи, а фрустрацијата расте и тлее тогаш тоа не може да води кон здрав однос и искрено пријателство.

Ние не сакаме и не знаеме да бидеме лицемерни, и додека некој ни ја попречува иднината и перспективата на два милиони граѓани на оваа земја да премолчуваме или да наведнуваме глава, или да се самообвинуваме за нешто што е вина на друг!

Не. Ние кажуваме директно. Јасно и прецизно. Искрено и чесно. Никогаш не очекувајте дека ќе лажеме.

Политиката што досега ја промовираа некои од лидерите на опозицијата, како политика на свиткан рбет и криење на реалноста, не ја прифаќам како метод во политиката и однос кон сопствениот народ.

Ако некој ја каже реалноста и вистината тогаш тој е емотивен, непримерен или кавгаџија. А ако некој го лаже сопствениот народ дека му го менува името во привремена референца и дека таа референца ќе трае само 2 месеци е визионер? Тоа ли се вашите вредности? Јас лично тоа не го прифаќам.

Не го прифаќам лицемерието како израз на политиката.

Забележувам дека го доведувате во прашање легитимитетот на моите позиции, па би сакал да потсетам дека пред неполни десет месеци имавме избори во Македонија и мнозинството граѓани јасно и недвосмислено доделија мандат на оваа влада и ја изразија својата доверба во нашите политики вклучително и во позицијата која ја имаме по однос на ова прашање и која што за разлика од вашето постојано менување на ставови за ова прашање е јасна и прецизна.

Јас моите позиции ги кажувам како премиер на оваа земја, и имам право и морална обврска кон мојот народ тоа да го правам. Секако доколку некој ја спори мојата легитимност и дали ова што го говорам има поддршка кај граѓаните има механизми како тоа може да се провери.

Република Македонија има сила и ќе продолжи да работи во функција на остварување на економски раст и развој, за подобрување на стандардот на граѓаните, и за создавање на услови за задоволување на потребите на населението, ќе продолжиме со напорите за обезбедување и со реализацијата на инвестиции и капитал во функција на отворање на нови работни места.

Република Македонија има сила и ќе продолжи да го гради мултиетничкото и мултирелигиското општество, да работи на обединување во целите и вредностите на сите граѓани, да остане стабилна држава, која ја гарантира безбедноста и сигурноста на своите граѓани, исто како што тоа го прави секоја европска и евроатлантска држава, соочена со исти предизвици, исти моменти како што и тие се соочуваат, и да применува мерки и активности како што и тие применуваат и кои се прифатливи и соодветни во секој поглед, како и во однос на менаџирањето на односите и обезбедувањето на вредностите, така и во менаџирањето на ефектите.

Ние сме на страната на правдата, зад нас се вредностите, и мора секогаш да останеме со вредностите. Историјата и развојот не се миг, тие се вечност, работите се менуваат, но ние не можеме да се смениме и да прифатиме да оствариме некое право под нелегитимни услови. Никој од нас, нема морално право да се откаже од чувството кое го поседуваме и со кое се самоидентификуваме и како политичка гарнитура никогаш нема да отстапиме од нашиот став за промоција и заштита на нашиот македонски идентитет, како што впрочем и објавивме во нашата програма со која победивме на изминативе избори.

Ние и понатаму ќе останеме посветени на реализацијата на стратешката определба за членство во НАТО, и ќе работиме во таа насока. Ако некој ја каже вистината не значи дека некој се кара со стратешките партнери. Тоа е класично извртување на тезите. Немој да мислите дека некој повеќе ќе цени некого ако некој се однесува недостоинствено и не ги кажува работите со вистинското име. Тоа што како што некои од опозицијата велат дека досега многу лидери во Македонија не реагирале на овој начин не значи дека тие правилно постапувале. Точно е. Не реагирале. Но зошто!? И што добила Македонија од тоа што некој за да си ја спасува политичката кариера или за да не се замери дури и при најголема неправда, зад наметката на некаква политичка прагма и лажно визионерство го лажел сопствениот народ!?

Сакам да биде јасно и следново. Ние ќе продолжиме со подршката на мировните мисии на алијансата за обезбедување на светскиот мир и демократијата, затоа што тоа е она што сме го определиле и во што веруваме. Ние ќе продолжиме и понатаму одговорно да се однесуваме и да постапуваме, нешто што не карактеризира сиве овие години откога ни е наметнат овој бесмислен, и на друго место невиден спор, кој е во спротивност со сите вредности и со меѓународното право и правда.

Ние и понатаму ќе останеме да се чувствуваме како Македонци, и јас сум убеден дека еден ден ние ќе успееме да ја реализираме нашата поставена цел, членство во НАТО и ЕУ, и изградба на силна, модерна и просперитетна Република Македонија.

Би сакал да ја искористам оваа прилика и на крај од овој допис да упатам порака и до сите граѓани на нашата татковина.

Вербата, вистината и правдата секогаш победуваат! Историјата тоа го потврдила безброј пати! Самите одлучуваме, и самите ќе оствариме нови подвизи и успеси. Имајте верба во себе, и во Вашите блиски. Ќе продолжиме да создаваме и да успеваме, треба сите да бидат убедени во тоа!

Да живеат граѓаните на Република Македонија!

Да живее Република Македонија!

 

 

Со почит,

 

Никола Груевски