Објавен јавниот повик за распределба на социјалната зграда во Демир Капија

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, градоначалникот на општина Демир Капија, Лазар Петров заедно со претставници од АД за стопанисување со станбен и деловен простор, како и од Центарот за социјални работи од Неготино, денеска извршија увид во социјалната зграда во Демир Капија од каде го објавија јавиот оглас за распределба. 

Министерот Бочварски истакна дека од денеска па се до 27 март сите заинтересирани лица кои ги исполнуваат условите од јавниот повик ќе можат да аплицираат за социјален стан. 

Според условите од повикот,  може да аплицираат шест категории на граѓани и тоа: Деца без родители кои до својата 18-та година биле згрижени во институции за деца без родители, корисници на право на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни - природни непогоди, лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, лица припадници на Ромската заедница- социјално загрозени согласно Стратегијата за Ромите како и самохрани родители со малолетни деца. 

„Би ја искористил приликата да упатам апел до сите граѓаните кои ги исполнуваат условите да аплицираат до Центарот за социјални работи во Неготино. Заеднички ќе помогнеме на шеснаесет ранливи семејства од Демир Капија  да добијат пристоен дом. Грижата за најранлините категории граѓани е посебно изразена сега во време кога ни претстои најголемиот предизвик со опоравување од енергетската и економската криза. Како Влада, остануваме силно посветени и оваа година во обезбедување на топол дом за најранливите семејства, ”изјави министерот Бочварски. 

Изградбата на зградата е со вредност од 43 милиони денари. 

„Колективната, станбена зграда во Демир Капија е со вкупно шеснаесет станбени единици со површина од 36 до 43 метри квадратни и 16 подрумски простории. Согласно законската регулатива на приземје има два стана наменети за инвалидизирани лица и непречен пристап до нив. Зградата ја завршивме во октомври минатата година. Во моментов работиме на изведба на објетитет во Скопје-Бутел, Дебар, Кочани и Велес“, изјави Билјана Главинчевска Вранишкоска, директор за градба во АД за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката. 

Градоначаникот на општина Демир Капија, Лазар Петров истакна дека изградбата на социјалната зграда ќе го реши згрижувањето на семејства од социјален ризик од општината, а општината ќе понуди логистичка помош за сите заинтересирани околу потребната документација.