Ставрески: Изградбата на делницата Демир Капија-Смоквица ќе ја придвижи економијата

Летово почнува изградбата на делницата Демир Капија - Смоквица на Коридорот 10. Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески реализацијата на еден од најкрупните инфраструктурни проекти што Македонија ги има во овие десетина години ќе помогне  заедно со други мерки да се придвижи македонската економија и да се зголемат инвестициите. 

- Со ребалансот на Буџетот обезбедивме многу пари за капитални инвестиции, вкупно 21 милијарда и 500 милиони денари кои им стојат на располагање на министерствата и на фирмите во Македонија да ги искористат за капитални инвестиции. Тоа е голем износ на средства  и очекувам тие да бидат добро и навремено искористени што секако заедно со уште стоте милиони евра што ги обезбедуваме од Европската инвестициска банка и што ќе бидат на располагање до крајот на јуни ќе помогне да се оствари позитивна стапка на економски раст што би било одлично остварување имајќи предвид дека ретко која земја во Европа во вакви услови има позитивна стапка на економски раст, изјави министерот одговарајќи на новинарски прашања по седницата на Комитетот за финансиска стабилност.

Тој истакна дека Владата треба да продолжи со политиките на придвижување на инвестициите и поттикнување на крупни инвестиции и додаде дека Македонија како земја која има ниско ниво на буџетски дефицити  и просторот за натамошно зголемување на инвестициите треба да се искористи во насока на поттикнување на растот бидејќи евидентно е дека во приватниот сектор заради состојбите во европската економија не може да се очекуваат големи инвестиции.

Според него, ова се најдобрите мерки што една влада на релативно мала земја со помал буџет може да ги направи.

- Ако капиталните инвестиции оваа година се 21,5 милијарда денари што се 20 проценти повисоки од минатогодишните и ако донесеме 100 милиони евра поволни кредити со поволна каматна стапка за малите и средни претпријатија и ако го почнеме проектот за Демир Капија-Смоквица и низа други инфраструктурни проекти сметам дека тоа е најдобриот начин за помош на македонската индустрија македонското градежништво, истакна Ставрески.