Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска со пречек со високи воени почести ја започна својата официјална посета на Чешката Република, во чии рамки оствари средба со чешката министерка за одбрана, Јана Чернохова.
Двете министерки се согласија дека неодамна потпишаниот Договор за ремонт на хеликоптери помеѓу двете влади ќе ја зајакне и интензивира билатералната и одбранбената соработка помеѓу државите.
„Неодмана склучениот договор за ремонт на два хеликоптери на Армијата на Република Северна Македонија, претставува уште еден доказ за интензивирање на нашата соработка во одбраната, но и на нашата блискост во Алијансата“, истакна Петровска.
На средбата, оценувајќи ја билатералната соработка со Чешката Република како одлична, министерката Петровска истакна дека Чешка не е само наш близок НАТО сојузник, туку и гласен поддржувач на европската интеграција на Северна Македонија.
„Чешка е доследен и гласен поддржувач на евроинтеграцијата на Северна Македонија и за тоа сме благодарни и сметаме на чешката поддршка и во иднина“, потенцираше Петровска и додаде дека евроинтеграцијата на Северна Македонија и останатите држави од Западен Балкан ќе даде позитивен импулс и за безбедноста на регионот.
„Сегашната геополитичка реалност ја наметнува потребата од забрзување и поттикнување на нова динамика во процесот на евроинтеграцијата на Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан, бидејќи ќе се ублажат негативните влијанија на Балканот и воедно ќе се создадат поповолни услови за решавање на отворените прашања“, истакна Петровска.
За време на посета министерката Петровска беше во посета на Чешкиот Парламент каде оствари средба со Претседателот на Комитетот за одбрана на Чешка, Лубомир Метнар.
Попладнево, министерката Петровска ќе го посети Воздухопловниот ремонтен завод - ЛОМ, каде врз основ на потпишаниот договор Влада со Влада (G2G) во декември минатата година, во следниот период ќе бидат ремонтирани два хеликоптери Ми-8МТ.