Честитка од прeмиерот Груевски по повод Националниот ден на Власите

Почитувани припадници на влашката етничка заедница,

Дозволете ми во името на Владата на Република Македонија и во свое лично име, на сите припадници на Влашката заедница во Република Македонија и надвор од нашата земја, да Ви го честитам 23 мај - Националниот ден на Власите.

Овој празник кој е бележник на културата и идентитетот на Влашката заедница во Република Македонија е реална и заслужена придобивка на нашето мултиетничко општество, и е базиран на историски добрите односи кои ги негуваат Македонците и останатите етнички заедници во нашата земја и Власите. Со векови наназад, нашите патишта се вкрстувале на полето на економскиот и општествениот развој на Македонија, и до ден денес, сведоци сме на едно широко поле на взаемни културни спознанија и меѓусебни јазични и фолклорни влијанија, како силен показател на нашето вековно заедничко просторно живеење, соработка и меѓусебно почитување. Таквите процеси продолжуваат да живеат во нашата заедничка татковина Република Македонија, која обединува еден отворен простор во кој се слават различностите и во кој се почитуваат принципите на демократија, отвореност и соработка, а Власите се значаен сегмент од општествените процеси и даваат придонес во развојот на општеството.

Длабоко почитувајќи го придонесот кој Вашата заедница го дава за негување на добрите меѓунационални односи и севкупниот развој на нашата земја, Ве уверувам дека како досега, така и во иднина, со заеднички сили ќе продолжиме да работиме на реформите и модернизацијата на земјата, на унапредување на можностите и стандардот на граѓаните и обезбедување на економски развој, на продолжување на изградбата на Република Македонија како модерна, развиена и перспективна држава, со која ќе се гордеат нашите идни поколенија.

Нека Ви е честит големиот празник.

Со почит,

 

 

Никола ГРУЕВСКИ