Можностите за инвестирање во Македонија претставени пред 80 компании во Милано

Владиниот економски тим предводен од премиерот Никола Груевски во кој се заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, министерот задолжен за привлекување странски инвестиции, Веле Самак, како и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Висар Фида, попладнево ги претстави економските и инвестициските потенцијали пред осумдесет претставници на италијански компании на бизнис форум во Милано.

Бизнис форумот беше организиран во соработка со Стопанската комора на Милано. На  почетокот во име на комората се обрати Адриана Силвиа Сартор која истакна дека одржувањето на форумот претставува отворање на нови деловни можности за компаниите од Милано и дека тоа ќе резултира со зајакнување на економските релации меѓу Италија и Македонија. 

Премиерот Груевски во својот говор пред присутните италијански бизнисмени на почетокот се заблагодари за укажаната можност за продлабочување на соработката со претставниците на италијанската индустрија и трговија во Милано, еден од главните бизнис и финансиски центри на Европската унија, градот кој ги исцртува модните трендови во светот, градот со богата историја и култура, и со неверојатно гостопримливи и пријатни луѓе.

Тој истакна дека Република Италија е еден од најзначајните трговски партнери за Република Македонија и трет најважен партнер од Европската унија. Од осамостојувањето на Република Македонија до крајот на март 2012 година, нашата билатерална трговија достигна речиси 7 милијарди американски долари, што е навистина импресивен податок за македонската економија, која создава годишен бруто домашен производ од близу 9 милијарди долари, посочи Груевски. Тој подвлече дека во последната деценија трговската размена меѓу Македонија и Италија е зголемена за 3,5 пати, а само во последните пет години, дури и во периодот на големата светска криза, таа забележа исклучително висок кумулативен пораст од 52%.

Република Македонија го привлече вниманието на светските инвеститори со нејзиниот брз и сигурен поход кон првите три позиции на најреформски ориентирани земји, според угледниот „Doing Business“ извештај на Светската банка за 2012 година, истакна Груевски. Македонија сега се наоѓа на 22-та позиција во светски рамки, меѓу 183 земји, и е највисоко рангирана во однос на било која транзициона економија од Југоисточна Европа, а исто така нашата земја беше прогласена од „Форбс“ и „Прајсвотерхаус Куперс“ за петта најпријателски настроена земја во светот во однос на даночниот товар и третман на бизнисите, подвлече премиерот во своето обраќање.

Преку потпишување на договори за слободна трговија со Европската унија, земјите-членки на ЕФТА, ЦЕФТА, билатерални договори со Турција и Украина, Македонија успеа да го надмине проблемот на мал пазар и сега оние кои инвестираат во Република Македонија практично имаат пристап до пазар со над 660 милиони потрошувачи.

Во контекст на институционалата поддршка за бизнисот, би сакал да нагласам и дека уште во 1999 година стапи на сила Договорот за поттикнување и заемна заштита на инвестициите со Република Италија, а од 2001 година се применува и Договорот за одбегнување на двојното оданочување по однос на данокот на доход и данокот на капитал и заштита од фискалната евазија, истакна Груевски.

Тој посочи дека Владата ги препозна главните бариери за водење бизнис и пристапи кон намалување на даночното оптоварување и темелни административни и регулаторни реформи, со воведување низок и рамен данок од 10%, ослободување од оданочување на задржаната добивка и етапно намалување на социјалните придонеси за една третина.

Премиерот Груевски се осврна и на ефектите од подобрената бизнис клима и активностите за промоција на Република Македонија како бизнис дестинација, кои се гледаат во привлекувањето на познати странски компании во технолошко-индустриската развојна зона во Скопје и за таа цел се отвораат уште три технолошко-индустриски развојни зони од кои едната во Штип, Тетово и уште една во Скопје.

На крајот од своето обраќање премиерот Груевски ги покани италијанските компании да ја посетат Република Македонија и да ги искористат нејзините потенцијали. - Ние сме подготвени да Ви обезбедиме максимална поддршка и да ја олесниме Вашата соработка со македонските компании, подвлече премиерот.

Свои презентации на форумот имаа и вицепремиерот Владимир Пешевски, министерот Веле Самак и директорот на агенцијата Инвест Македонија Висар Фида.

Вечерва, владиниот економски тим во Милано ќе присуствува на работната вечера со претставници на повеќе италијански компании, што е во организација на Американската комора во Италија.