Владата со над 760 милиони евра ја ублажи кризата, со поддршка од 80 милиони евра од ЕУ се реализира Националниот план за справување со енергетската криза

Република Северна Македонија доби 80 милиони евра финансиска поддршка од Европската Унија. Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, денеска на прес-конференција истакна дека овие средства се користат за буџетска поддршка во државата. На прес-конференцијата вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ и министрите-за финансии Фатмир Бесими, економија Крешник Бектеши и Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика во својот домен ги изнесоа деталите за антикризните мерки и ефектите од истите. Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир посочи дека оваа финансиска поддршка ќе им помогне на граѓаните да се справат со барањата кои се појавија како резултат на енергетската криза.

Премиерот Ковачевски потенцираше дека Владата во соработка со сите институциите, со министерствата, со земјите од регионот како и со Европската Унија, спречи ценовен шок, овозможи стабилно снабдување со електрична енергија, го зголеми производство од домашните капацитети, осигура стабилност на цената на струјата, а тоа пак влијаеше директно врз стандардот на граѓаните, но и врз стабилизација на инфлацијата. Грантот од 80 милиони евра е поддршка за субвенции на граѓаните за сметките за електрична енергија, поддршка на малите и средни компании за одржување на континуитет на бизнисот како и за инвестиции на државата за енергетска транзиција, обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.

„Намалувањето на цената на струјата за 20% за 70.000 фирми кои се на регулиран пазар и задржување на цената за домаќинства на исто ниво, за оние кои рационално ја трошат електричната енергија, е само потврда на правилните политики кои ги водиме во време на енергетска криза, и тоа е вистинска грижа за најранливите категории. Сите мерки кои се преземаат од страна на Владата се со цел да се има сигурно и стабилно греење. Денес има и струја и парно, а рестрикции нема. Планот дава резултат. Наш приоритет е и енергетската транзиција и енергетската независност, а нашата земја е регионален лидер во енергетската транзиција, со огромен потенцијал да стане зелен енергетски хаб“, рече премиерот и додаде дека Владата донесе пакет антикризни мерки во износ од над 760 милиони евра кој, според податоците на Светска банка е највисока буџетска поддршка во регионот за справување со кризата споредено со сите други земји од нашиот регион.

Евроамбасадорот Дејвид Гир, истакна дека во фокус на поддршката од ЕУ за Северна Македонија е да се заштитат граѓаните.

„Минатиот октомври, претседателката на Европската Комисија фон дер Лајен вети овде во Скопје дека ЕУ ќе и обезбеди на Северна Македонија 80 милиони евра за справување со енергетската криза. Сега го испорачавме тоа. Во пракса, оваа поддршка ќе им помогне на граѓаните да се справат со барањата кои се појавија како резултат на енергетската криза. Ова значи да им се помогне на сите домаќинства да ги задоволат нивните основни енергетски потреби. Особено оние најранливите. Тоа значи одржување и работа на училиштата и болниците. И тоа значи да им се помогне на малите бизниси да обезбедат производство на основни прехранбени продукти“, изјави амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија Дејвид Гир.

Вицепремиерот Маричиќ рече дека Европската Унија не ги заборави македонските граѓани и повторно е со нас во криза, докажувајќи дека е многу повеќе од финансиска поддршка со која ни помага во забрзување на трансформацијата на општеството и подготвувањето на Северна Македонија за членство во европското семејство. „Европската унија е и наш најголем партнер кој прв застанува со нас во тешки времиња. Покрај примарната цел на овие 80 милиони евра, со овие неповратни средства ќе се поддржат и структурните реформи за олеснување на енергетската транзиција, посочи вицепремиерот и национален ИПА координатор Маричиќ, додавајќи дека преку инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан изминатиов период успеавме да добиеме над 52 милиони евра неповратни средства за проекти во областа на енергетиката", рече вицепремиерот.

Министерот за финансии Фатмир Бесими посочи дека грантот од 80 милиони евра е потврда за исправноста на политиките што ги спроведува Владата на нашиот европски пат и во справување со кризата.

„Тоа беше препознаено од нашите сојузници и поддржувачи, од нашиот главен партнер ЕУ, од кој покрај постојаната финансиска помош за проекти, што се дел од реформската агенда, ни додели и грант средства за справување со кризата, Во 2020 година исто така на Република Северна Македонија и беше доделен грант од 40 милиони евра директна буџетска поддршка наменета за социјална и економска отпорност на државата при справување со кризата предизвикана од КОВИД-19 пандемијата“, рече министерот Бесими и додаде дека средствата што ЕУ ги доделува на нашата земја е знак на солидарност што за нас претставува голема одговорност за нивно најефикасно користење.

Со цел заштита на потрошувачите и нивниот животен стандард од директното влијание на растот на цените на енергенсите и прехранбените производи, како и зголемување на конкурентноста на домашните компании на меѓународниот пазар, Министерството за економија заедно со останатите релевантни институции подготви Национален енергетски акциски план на Северна Македонија за 2022-2023 година за справување со енергетската криза.

„Националниот енергетски акциски план предвидува средства за воведување на буџетско субвенционирање на домашните компании, пред сé за обезбедувањето на јавните дејности, водоснабдување, здравство и образование како и за непречено снабдување со храна, млеко и останати дејности во интерес на сите граѓани. Покрај тоа, вклучува мерки за поддршка на граѓаните при справување со зголемените цени на енергенсите. Последно, но исто така особено важно за Северна Македонија, Националниот енергетски акциски план вклучува и проекти и програми за спроведување на европските политики за заштита на ранливите потрошувачи на енергија, за  политиките и мерките за енергетска ефикасност во зградите и за развој и имплементација на концептот на просјумери“ рече министерот за економија Бектеши.

Министерката Јована Тренчевска истакна дека како дел од последниот пакет на владини мерки, Министерството за труд и социјална политика веќе три месеци обезбедува финансиска поддршка за справување со енергетската криза на ранливите односно социјално исклучените граѓани.

„Како дел од последниот пакет на владини мерки, Министерството за труд и социјална политика веќе три месеци обезбедува финансиска поддршка за справување со енергетската криза на ранливите односно социјално исклучените граѓани.

Финансиската поддршка се обезбедува за период од четири месеци на над 177.000 социјално исклучени граѓани, вклучително и деца, лица кои останале без работа и користат паричен надоместок за невработеност и корисници на минимална пензија.

Покрај тоа, 46.000 корисници на правото на гарантирана минимална помош и социјална сигурност примаат паричен додаток за енергенси во периодот на зимските месеци.

Севкупно, опфатени се околу 220.000 корисници во ризик и исплатени се околу 21 милион евра“ рече Тренчевска.

Во прилог документ со интегралното обраќање на премиерот Ковачевски.


Обраќање на премиерот Димитар Ковачевски

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска се обрати пред министрите и евроамбасадорот Гир.

Во продолжение обраќањето на премиерот Ковачевски во целост:

„Почитуван амбасадор Гир,

Почитувани колеги министри,

Почитувани претставници на медиумите,

Почитувани присутни,

Ви благодарам за присуството на денешниот настан. 

Особено  задоволство ми е кога ветеното се реализира и има резултат. Во криза се важни пријателите, а Европската Унија, докажа дека има слух за нашите барања да ни помогне кога ни беше најпотребно. Секако , тука се и земјите од регионот пред се членките на ЕУ, соседна Бугарија и Грција, кои исто така дадоа поддршка за справување со последиците од најголемата глобална криза која светот ја памети по Втората Светска Војна. 

Минатата година, во месец октомври, претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен, при посетата на нашата земја, порача дека Европската Унија ќе биде покрај Северна Македонија и заедно ќе ги надминеме предизвиците од најголемата глобална економска и енергетска криза, предизвикана од воената агресија врз Украина.

Го потпишавме договорот ФРОНТЕКС и најави грант од 80 милиони евра - буџетска поддршка за ублажување на кризата. Овие средства се веќе достапни и се дел од пакетот антикризни мерки во износ од над 760 милиони евра. Според податоците на Светска банка ова е највисока буџетска поддршка во регионот за справување со кризата споредено со сите други земји од нашиот регион. За 2023 година во буџетот во посебна програма предвидени се 225 милиони евра за справување со енергетска криза.

Грантот од 80 милиони евра е поддршка за субвенции на граѓаните, за сметките за електрична енергија, за поддршка на малите и средни претпријатија, за одржување на континуитет на бизнисот, како и за инвестиции на државата за енергетска транзиција, обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.

Вицепремиерот и министрите, секој во свој домен ќе даде повеќе детали за антикризните мерки и ефектите од истите. Но, она што би сакал да  потенцирам е дека, Владата во соработка со сите институциите, со министерствата, со поддршка и партнерство,  со земјите од регионот како и со Европската Унија, спречи ценовен шок, овозможи стабилно снабдување со електрична енергија, го зголемивме производството од домашните капацитети, осигуравме стабилност на цената на струјата, а тоа пак влијае директно врз стандардот на граѓаните, но и врз стабилизација на инфлацијата која три месеци по ред, паѓа.

АД ЕСМ во јануари и февруари годинава го зголеми производството за 50 % во споредба со истиот период лани и во целост го исполнува планот за производство. Зголеменото производство на електрична енергија во Државните електрани, овозможи ЕСМ Продажба значително да ги намали набавките на струја од берзите.
Паралелно, преку зголеменото производство ЕСМ обезбедува евтина струја за училиштата, образовниот процес да се одвива во училниците, за јавните комунални претпријатија преку кои граѓаните се снабдуваат со вода, како и за прехранбената индустрија.

Намалувањето на цената на струјата за 20% за 72 илјади  фирми кои се на регулиран пазар и задржување на цената за домаќинства на исто ниво, за оние кои рационално ја трошат електричната енергија, е само потврда на правилните политики кои ги водиме во време на енергетска криза, и тоа е вистинска грижа за најранливите категории како и за сите други останати граѓани.

Сите мерки кои се преземаат од страна на Владата се со цел да се има сигурно и стабилно греење, снабдување со електрична енергија, снабдување со храна и сето тоа без ценовен шок за граѓаните. Денес има и струја и парно, а рестрикции нема. Планот даде резултат и тоа е најдобар демант за сите критичари кои во текот на последниот квартал минатата година предвидуваа најцрни сценарија за нашата држава, кои не се остварија.

Доколку ЕСМ продолжи со реализацијата на зголемено производство, тоа ќе биде аргумент плус, кој ќе му овозможи на регулаторот односно  Регулаторната комисија за енергетика да носи одлуки во интерес на граѓаните. Ние правиме се што е во наша моќ - а тоа е да го реализираме планот за зголемено производство, за цената да биде стабилна и граѓаните да користат евтина тарифа. Дали истата ќе има проширени интервали на користење, во текот на наредниот период ќе покажат анализите на Регулаторната комисија.
Наш приоритет е и енергетската транзиција и енергетската независност, а нашата земја е регионален лидер во енергетската транзиција, со огромен потенцијал да стане зелен енергетски хаб.

Интересот  за инвестиции во обновливи извори на енергија расте, само од 1 јануари 2022 година до 28 февруари годинава, во земјава има нови фотонапонски централи со инсталиран вкупен капацитет од 181,2 мегавати од обновливи извори што можат да ги задоволат потребите на 72.500 домаќинства со просечна потрошувачка на електрична енергија. Односно, со овие капацитети од обновливи извори на енергија може да се задоволат потребите на домаќинства од осум градови: Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка, Свети Николе, Ресен и Дојран. Во првите два месеца од годинава во државата има нови 88 фотонапонски електроцентрали со моќност од 29 мегавати за производство на струја кои се стекнале со лиценци за работа.

Сите овие трендови водат кон зголемување на енергетската независност на земјата, стабилност во снабдувањето со електрична енергија и во крајна цел реализација на Планот на Владата, во корист на граѓаните, на компаниите и на нашата држава.

Сето ова немаше да го постигнеме доколку, не беа со нас и нашите партнери. Затоа уште еднаш упатувам благодарност за поддршката која што ни ја даде ЕУ, во овој домен, кога ни беше најпотребна, со 80 милиони евра буџетска поддршка за справување со енергетската криза, но тука морам да ги споменам и макрофинансиската помош од 100 милиони евра која што исто така е договорена со ЕУ. Тука благодарност до колегите од Министерството за финансии, како и поддршката за инвестиции во износ од 50 милиони евра. Секако и кредитирањето кое го прави ЕБОР и ЕИБ во делот на големите инфраструктурни проекти како во енергетиката така и во други области. 

Ви благодарам.“