Честитка од премиерот Груевски по повод Денот на просветителите Кирил и Методиј

Почитувани граѓани,

Ми претставува особено задоволство во мое лично име и во името на Владата на Република Македонија, да Ви го честитам 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј.

Овој датум за нас како народ, држава и граѓани има голема димензија. Низ нашето многувековно и историско постоење македонскиот народ изградил и воспитал плејада на извонредни личности, чие дело и лик заслужува посебно одбележување, почит и празнување, личности кои претставуваат синоним за успешност и културен и цивилизациски светски придонес со кои се гордеат сите граѓани на Република Македонија. Светите браќа Кирил и Методиј, големите дејци, мислители и светители, основоположниците на словенската писменост, несомнено се едни од најголемите и најсветли обрасци на македонското минато и македонскиот придонес за развој на целокупната цивилизација.

Тие веруваа, се залагаа и го остварија правото на секој народ да го користи својот мајчин јазик за комуникација и културно образовна надградба, срушија многу догми штетни по развојот на општествата, го зацртаа патот на развој на православието, и на верскиот соживот, традиција и духовна хармонија, се жртвуваа себеси и исполнија многу мисии за просветлување на словенските народи. Светите браќа Кирил и Методиј им помогнаа на многумина народи да можат полесно да комуницираат и удрија темел на изградбата на заедништвото, меѓусебно почитување и соработката на сите европски народи, под исти услови и еднаков пристап. Нивното дело е трајна вредност во светската културна ризница, и е симбол за голем придонес на нашиот народ и нашата земја во европските и универзалните културни збиднувања.

Денес, на овој празник 24 Мај, ние се поклонуваме пред нив и пред нивното епохално дело. Нека е вечно нивното име и нека ни е за многу години големиот државен празник Свети Кирил и Методиј!

Со почит,

Никола ГРУЕВСКИ