Ковачевски: Со директни мерки обезбедуваме пониски цени на основните производи, никој нема да се справува сам со кризата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за финансии Фатмир Бесими, денеска беа во посета на компанијата „Даути Комерц“.

На средбата премиерот Ковачевски и министерот Бесими, со менаџментот на компанијата разговараа за новите владини одлуки за замрзнување и намалување на цените на тестенините и за укинување на царинските давачки за увоз на тестенини, како и за одлуката за замрзнување и намалување на цените на млечните производи.

„Одлуката за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб ја надополнивме со одлуки за замрзнување на цените на тестенините и укинување на царинските давачки за нив, како и замрзнување на цените на млечните производи.
Како што визијата за успешноста на една компанија зависи од сите вработени, така и визијата за успешноста на едно општество зависи од сите граѓани кои живеат во него. Само заеднички  можеме да придонесеме за подобра бизнис клима, подобри услови за работа,  за поголема ликвидност на компаниите и конкурентен пазар“, истакна премиерот Ковачевски, за време на посетата на компанијата.

При тоа, премиерот Ковачевски додаде дека Владата навремено презеде мерки за одржување на ликвидноста на компаниите, но и за заштита на стандардот на граѓаните.

„Пакетот антикризни мерки од 760 милиони евра го креиравме за да бидат опфатени и компаниите и граѓаните. Ќе продолжиме и годинава да ги поддржуваме граѓаните и компаниите и нема да дозволиме сами да се борат со потешкотиите кои ги носи една од најголемите енергетски и економски кризи со кои се соочува светот. Со оваа криза ќе се избориме заедно, сите заедно, а не поединечно бидејќи само така ќе успееме да излеземе победници од предизвиците со кои се соочуваме“, рече премиерот Ковачевски.

Министерот Бесими изјави дека секоја мерка се носи во консултација со сите чинители.

„Тоа што денес сме тука е уште еден аргумент дека Владата пристапува интензивно со вклученост на сите чинители во однос на политиките во време на кризи. Одлуката на Владата се однесува директно на поддршка на граѓаните во време на ценовна криза да можат да имаат основни производи на нивната трпеза по цени надвор од инфлационите текови. Во време на криза, секогаш ќе најдеме начин да излеземе во пресрет на граѓаните со конкретни мерки, брза реакција, а тоа да биде одржливо од аспект на фискалната одржливост на нашата економија, но и економскиот раст и животниот стандард на граѓаните“, рече министерот Бесими.

Сопствениците на компанијата  „Даути Комерц“, Џемаил Даути, Хамим Даути и Јетмир Даути, на средбата ги поздравија новите владини одлуки за замрзнување и намалување на цените на тестенините и млечните производи, истакнувајќи дека се во насока на заштита на интересите и на компаниите.

„Во името на нашата компанија, искрено, сакам да ја поздравам транспарентната политика, а истовремено и солидарна политика, која ја води Владата на Република Северна Македонија. Транспарентна е во поглед на соработка со стопанството.Спремни сме да се носиме со предизвиците и сите општествено економски промени. Морам да нагласам дека Даути Комерц е поддржувач на ставовите и идеите дека кризните состојби кои постојат во Европа и светот, треба разумно да ги прифатиме и да се солидализираме со истите, односно да најдеме најсоодветен начин да одговориме, за да го поддржиме просперитетот на државата и нашите граѓани“, рече сопственикот на компанијата „Даути Комерц“, Џемаил Даути.

Тој додаде дека со цел да се одговори на инфлациските удари, компанијата континуирано ги дистрибуира своите производи до крајните потрошувачи, по ниски цени, со цел помош и соработка во време кога е таа соработка е најпотребна.

„Даути Комерц“  е семејна компанија на семејството Даути. Компанијата се занимава со увоз-извоз и дистрибуција на производи за широка потрошувачка, која се врши преку дистрибутивните центри во Северна Македонија, Косово и Црна Гора и локални добавувачи во Скопје, Тетово и Струга во Северна Македонија.